
30 декември 2025
Четири куќи во СОС Детско село во Скопје отсега ќе користат соларна енергија. Компанијата ОКТА донираше соларни панели за оваа организација со вкупна инсталирана моќност од 24 KWp, со годишно производство од 32,4 MWh. Покрај соларните панели, дополнително се инсталирани и 4 батериски системи за складирање на енергија со капацитет од 20 KWh.
Ова е само прва фаза од проектот кој што компанијата ќе го реализира во следните 3 години. Согласно планот до 2027 година сите куќи во кои живеат згрижувачките семејства ќе имаат инсталирано соларни централи и батериски системи за складирање на енергија. Со реализацијата на овој проект СОС Детско село значително ќе ги намали трошоците за електрична енергија, а истовремено ќе ја зајакне својата одржливост и дополнително ќе го унапреди квалитетот во домувањето.

„Одржливоста е заедничка обврска на сите нас. Во нашата деловна култура основа на делување и реализација на сите активности е поттикнување на одржливост и поддршка за сите чинители во заедницата. Реализацијата на овој проект за нас е вистинска чест, бидејќи со овие активности ќе дадеме конкретен придонес во унапредувањето на квалитетот на живот на децата поддржани од СОС Детско село. Тоа за нас е вистинска мотивација и во иднина да ја продолжиме соработката со оваа организација која е од големо значење за заедницата“, изјави Димитриос Пасхос, извршен директор на ОКТА.
Реализираната донација на соларни панели за 4 куќи во СОС Детско село, ќе придонесе за намалување на јагленородниот отпечаток за 26 тони на годишно ниво. ОКТА и досега ја поддржуваше работата на СОС Детско село со различен тип на донации.
„Во сржта на нашата работа е детето и обезбедувањето стабилна, сигурна и грижлива семејна средина. За остварување на оваа мисија, поддршката од приватниот сектор е од исклучително значење. Ваквите проекти имаат конкретен и долгорочен ефект – ја зголемуваат нашата енергетска ефикасност и ни овозможуваат дел од средствата да ги пренасочиме кон директна поддршка на децата и згрижувачките семејства. Дополнително, еколошкиот аспект е особено важен, бидејќи со користење обновливи извори на енергија создаваме поздрава и поодржлива средина за раст и развој на децата“,– истакна Јулијана Накова Гапо, национална директорка на СОС Детско село.
Назад кон сите новости