Се викам Ангела.
Имав 7 години кога дојдов да живеам во куќата на мама Мира во СОС Детско село. Не памтам многу, знам само дека беше почеток на април, Велигден. Уште еден празник каде семејствата се заедно. Среќни и безгрижни сеќавања, толку важни за секое дете. За жал, не и за мене. Мене празниците ме потсетуваа на тага и осаменост.
Памтам дека влегов во куќата исплашена и збунета. Мама Мира ми подаде топлинки. Рече дека ги купила за мене. Ме збуни дека дотогаш немав топлинки. Внатре имаше три деца, разиграни и насмеани. Кога ме видоа се стрчаа да ме гушнат. Уште бев исплашена и збунета, ама веќе не толку многу.
Мама Мира вадеше чинии и прибор. Децата ги носеа на масата и ги редеа. Цело време се смееја и си потпевнуваа некоја песна. Седев на еден крај од каучот во дневната настрана од сета оваа семејна „гужва“, смеа, врева – која ми се чинеше дека е некоја серија од телевизија.
По кратко време, ја осетив раката на мама Мира како ме гали по косата. Ми рече: „Ајде Ангела, дојди да ручаме“. Се збунив и се трудев да не се расплачам. Тогаш мама Мира ме гушна, ме бакна по косата и ми шепна: „Се’ ќе биде во ред. Сега си дома.“
Денес имам 24 години. Сопруга сум и мајка на едногодишен син… Правам се’ мојот син да расте со истите љубов и топлина кои ги имав во моето семејство со мама Мира, со Неда, со Јасмин и другите деца.
Велигденскиот ручек кај мама Мира во СОС Детско село ни остана традиција. Да ми кажевте дека тоа збунето, исплашено седумгодишно девојче еден ден ќе има ваква семејна среќа, искрена да бидам, немаше да ви верувам.
Денес знам дека среќата и радоста кои ги добив во СОС Детско село се должат на многу луѓе кои верувале во мојата мама Мира. Мојата детска среќа и денешна семејна идила, и среќата на многу нас, се должи на многу луѓе кои донирале во СОС Детско село.
Мојата соба од детството денес ја делат Даниела и Елена. Ним им требате Вие.
Со Вашата донација ќе овозможите многу деца да растат во топол дом, да имаат празници исполнети со семејна љубов, грижа и убави сеќавања.