Главната цел на овој проект беше да се придонесе кон зголемување на финансиската одржливост на граѓанските организации во Македонија преку создавање поволна правна средина за социјални договори. Проектот Преку социјални договори до одржливост беше спроведен помеѓу ноември 2015 и јули 2017 година.
Социјалниот договор подразбира владата и другите владини институции да ги децентрализираат и делегираат дел од своите обврски како даватели на социјални услуги на ранливите групи, на други субјекти (пр. Граѓански организации) и буџетот кој е предвиден за спроведувањето на тие активности да се распредели и на други даватели на социјални услуги.
Во рамки на проектот се спроведе компаративна анализа на регулативата во областа на социјалните договори во полето на социјалната помош во Македонија, и другите држави во регионот на Југоисточна Европа и земјите од Европската унија. Извештајот од оваа анализа беше презентиран пред повеќе од 120 претставници од јавните институции во областа на социјална заштита, регионалните центри за социјална работа, локалната самоуправа и граѓанските организации низ Републиката. Согласно препораките од експертите вклучени во проектот, како и согласно наодите и препораките од Компаративната анализа, беа подготвени предлози за измени на законската регулатива со што би се овозможило воведување на моделот на социјални договори во Македонија.
По изготвувањето, овие документи беа презентирани и дискутирани со стручната јавност на јавни настани во Скопје и шест градови (Битола, Струмица, Охрид, Тетово, Велес и Штип) во Македонија со цел да добијат повратни информации за нивното подобрување.
Во текот на февруари 2017 година во Скопје беше организирана Национална конференција за воведување на модел на социјални договори во Република Македонија. Околу 150 претставници од: Делегацијата на ЕУ, Регионална канцеларија на СОС Детско село, СОС Детски села од Ерменија, Косово, Албанија, Бугарија, Финска, Украина, меѓународни експерти, УНИЦЕФ, ГИЗ, Министерство за труд и социјална политика, Институт за Социјални дејности, Центрите за социјална работа, Локалната самоуправа – Оддел за социјална заштита, Граѓански организации, партнерите на проектот итн.
Дополнително, преку проектот „Воведување на моделот на социјални договори во обезбедување на социјални услуги”, кој беше финансиран од УНИЦЕФ и имплементиран од СОС Детско село Македонија беа спроведени две анализи фокусирани на Проценка на влијание на политиките (RIA- Regulatory Impact Assessment) и Анализа на корист и трошоци (CBA – Cost benefit Analysis). На крајот на проектот, на јавен настан, следниве документи беа предадени на Министерката за труд и социјална политика, со цел што поскоро воведување на моделот на социјални договори во Македонија:
- Нацрт на Предлог за Подзаконски акт за регулирање на моделот на социјални договори со вклучени механизми за склучување на договори
- Предлог Стандарди и процедури за лиценцирање на организации – даватели на социјални услуги
- Предлози за законски измени со цел целосно воведување на моделот на социјални договори во Република Македонија.
- Компаративна анализа за примената на моделот на социјални договори во земјите од Европската Унија и регулативата во Република Македонија
- Проценка на влијанието на регулативата на воведувањето на моделот на социјални договори во Република Македонија
- Анализа на ефективност на трошоци и анализа на корист и трошоци од воведувањето на моделот на социјални договори во Република Македонија