PRIDE МЕТОДОЛОГИЈА
СОС Детско село Македонија, како организација која вложува во грижата за деца без родители и родителска грижа, во рамките на своето работење и своето долгогодишно искуство, постојано вложува напори и во развојот на своите политики, стандарди и методологија на работа за унапредување на пристапот во поддршката и грижата за деца кои се без родителска грижа.
Оваа наша заложба ја демонстриравме со обезбедување на авторските права за имплементирање во рамките на Република Македонија, на интернационално признатата и лиценцирана PRIDE методологија. СОС Детско село Македонија успеа да обезбеди петгодишна лиценца за употреба на оваа методологија, создадена за поддршка на згрижувачките системи и подобрување на квалитетот на грижата.
ЦЕЛИ НА PRIDE ПРОГРАМАТА
- Да се задоволат потребите на децата пред се во делот на заштита, чувство на сигурност и постојаност на развојните и културните потреби на децата во згрижувачките семејства;
- Да се зајакнат семејствата, без разлика дали се биолошки, мешани, проширени или роднински, згрижувачки, посвојувачки
- Да се подобри квалитетот на грижата во згрижувачките и посвојувачките семејства, преку обезбедување стандардизирана, конзистентна, структурирана рамка за обука пред згрижувањето и заемната проценка како и континуирана обука за време на згрижувањето и постојан развој и зајакнување на згрижувачките родители
- Да се разбере важноста на споделувањето на ресурси меѓу јавните установи и другите организации за заштита на деца, колеџите и универзитетите, здруженијата на згрижувачи и посвоители, како и националните организации за заштита на децата. Крајната цел е имплементирање на оваа методологија како национален стандард, за обука, регрутација и континуирана поддршка за развој на вештините и компетенциите на сите чинители во згрижувачкиот систем во Република Македонија.
Програмата, исто така, обезбедува стручно оспособување и тековен професионален развој на сите професионалци кои се вклучени во процесот на поддршка на згрижувачките семејства, но и на самите згрижувачи.
Во периодот од 2014 до 2016 година, СОС Детско село Македонија овозможи обуки и лиценцирање на 22 професионални обучувачи, 6 мастер обучувачи, 114 професионалци од Центрите за социјална работа ширум Македонија, како и 141 згрижувачко семејство во рамките на кои се згрижени 230 деца.