Тип на донација
Сума

или

26 декември 2025

Малото момче што учеше да се слушне себеси

Приказната за Лука и за малите чекори што го менуваат детството – како вниманието и трпението прават разлика

Лука иако на десет годишна возраст, долго време тешко ги изразувал своите мисли и чувства, како што раскажува Стефанија Богдановска, специјален едукатор и рехабилитатор во одделот за психолошка поддршка и специјална едукација и рехабилитација на деца и млади во СОС Детско Село.

„Не беше дете кое немаше што да каже,“ вели Стефанија. „Напротив, имаше многу, но не знаеше како да го искаже.“

Во училиштето Лука често бил повлечен и отсутен. „Најчесто седел настрана, со поглед вперен во клупата. Учењето му беше голем предизвик – буквите се мешаа, задачите остануваа недовршени, а вниманието брзо му се губеше,“ објаснува таа.

Додека другите деца лесно воспоставувале контакт и играле, Лука, како што додава Стефанија, почесто се повлекувал во својот свет. „Оставаше впечаток на тивко и збунето дете, со многу неизговорени емоции,“ вели таа, појаснувајќи дека училиштето за него станало место каде постојано се чувствувал чекор зад другите.

Пристигнувањето во СОС Детско Село не донесе веднаш одговори за Лука. Донесе пауза. Пауза во која никој не брзаше со него. Во која не се броеја грешките, туку обидите. Во која најважното правило беше едноставно – Лука прво да се почувствува сигурно.

И кога сигурноста полека почна да се вселува, се појавија и првите знаци на промена. Преку разговор. Преку игра. Преку мали победи што речиси никој не би ги забележал – освен оние што знаеја колку тежат. Со поддршка од психолог и специјален едукатор и рехабилитатор, чекор по чекор, тишината почна да попушта. Прво преку доверба. Потоа преку игра. Па преку мали, речиси незабележливи победи – една завршена задача, една прочитана реченица, едно „можам“ кажано тивко, но искрено.

Учењето, кое дотогаш беше извор на страв, полека се претвори во истражување. Без притисок. Без казни за грешки. Секој мал успех беше виден и признаен. А секоја грешка – прифатена како дел од патот кон знаењето. Паралелно, низ разговори и внимателно водени активности, Лука почна да ги препознава своите чувства. Да каже кога му е тешко. Да остане во игра со другите деца. Да се насмевне почесто.

Денес, Лука сè уште има предизвици. Но веќе не е сам. Денес, тој седи во училишната клупа со малку повеќе самодоверба и со чувство дека некој го гледа, го слуша и верува во него.

Неговата приказна е една од многуте што тивко се случуваат во СОС Детско Село. Оваа година, поддршка добиле вкупно 78 деца и млади, од кои 40 редовно посетувале сесии со психолог, 22 работеле со специјален едукатор и рехабилитатор, а 10 деца добивале комбинирана поддршка.

Истовремено, во месец декември вкупно 40 згрижувачи, биолошки родители и лица за грижа добиле советодавна помош – разговори во кои и возрасните добиле простор да кажат дека им е тешко.

Зад овие бројки не стои статистика, туку лица. Детски гласови што учат да се слушнат. И приказни како оваа на Лука – доказ дека кога на едно дете ќе му дадеш време, разбирање и вистинска поддршка, тишината може да се претвори во сила.