9 јуни 2025
Настанот под наслов „Еко Тек Предизвик“, организиран во партнерство со Нептун преку иницијативата „Донирај компјутер“ и со поддршка од учениците и наставниците од ООУ „Ѓорѓија Пулевски“, инспирираше и покажа како старите работи можат да добијат нова вредност – токму преку рацете и срцата на децата.
Поделени во пет тимови, децата поддржани од СОС Детско село и нивните врсници создаваа уникатни скулптури од расипани и веќе заборавени компјутерски делови – тастатури, матични плочи, вентилатори, кабли и уште многу други технолошки остатоци. Тоа што некогаш било отпад, сега доби нов живот – како симбол на креативност, одржливост и тимска работа. Но ова не беше само уметничка работилница. Беше урнек за заедништво и надеж – доказ дека кога младите ќе добијат простор да сонуваат и создаваат, тие не само што ќе го променат светот околу себе, туку ќе му дадат и нова смисла.
Секоја од создадените скулптури ќе биде изложена во просториите на Нептун, како потсетник дека одржливиот начин на живеење и уметноста можат да одат рака под рака, и дека гласот на младите е клучен во градењето на поздрава и поодговорна иднина.
„Еко Тек Предизвик“ не беше само активност. Беше приказна за можности, за трансформација и за тоа колку е важно децата да се слушнати, поддржани и охрабрени да творат. Оваа иницијатива покажа дека иновативноста и свеста за животната средина може да се развиваат уште од мали нозе – особено кога децата растат во средина што ги охрабрува да веруваат во себе.
Во време кога отпадот расте, а природата вика за помош, младите учесници од „Еко Тек Предизвик“ испратија јасна порака: будни сме, креативни и се грижиме.
Назад кон сите новости