
8 јануари 2026
Додека градот трепери во празнична светлина, во СОС Детско село блеска нешто уште посилно – чувството на припадност. Тука, Бадник не е само обичај, туку празник на љубов, топлина и заедништво.
Во младинските куќи, трпезата не се подготвува само со вештина – туку со срце. Младинците, рамо до рамо, со своите едукатори ги подготвуваа традиционалните посни јадења. Се месеше лепче, се правеше пита, се редеа јаболка, ореви, костени… а низ смеа и песни, кујната стана срцето на домот.

„Традицијата е нашето наследство, но заедништвото е нашата сила,“ велат едукаторите додека гледаат како младите го живеат и го прифаќаат она што некогаш само го учеле.
Кулминацијата на вечерта беше – како и во секој дом – кршењето на бадниковото лепче. Среќната паричка оваа година ѝ припадна на Фросина – младинка која токму оваа година сега се подготвува за ново поглавје: самостоен живот.

„Оваа паричка ми е како знак од универзумот,“ рече низ насмевка. Со љубовта, вредностите и поддршката од СОС Детско село, таа тргнува напред сигурно и храбро.
Во младинските куќи, секој празник е доказ дека семејството не е крвна врска – туку љубов, поддршка и споделени мигови. Бадниковата вечер заврши со прегратки, полна трпеза и уште пополните срца.
Во СОС Детско село, ги негуваме сите традиции – затоа што почитта кон различноста е темел на секое вистинско семејство. Без разлика на верата, празникот значи исто: љубов, дом и заедништво.
Назад кон сите новости