Тип на донација
Сума

или

10 јуни 2025

Кога добрината ја разубавува матурската вечер

„Секогаш ми беше чест да помогнам на тие што немаат можност,“ вели Радмила – млада девојка од Скопје, која живее во младинската куќа во СОС Детско село, во мај направи гест што остави трага во срцата на неколку матурантки.

Во месецот на матурските забави, кога сè е насочено кон убавината на еден незаборавен момент, Радмила реши да подари нешто повеќе од само шминка – подари внимание, грижа и љубов.
Таа добро знаеше колку значи да имаш некого што верува во тебе и ти подава рака кога најмногу ти треба.

Завршувајќи професионален курс за шминкање со поддршка на СОС Детско село, преку проектот “Зајакнување на млади преку нови можности“, Радмила стекна нова вештина. Но, наместо веднаш да ја претвори во приход, таа избра да ја претвори во поддршка – и тоа токму за девојчињата кои не можеа да си дозволат професионално разубавување за својата матура.

„Почнав да шминкам девојчиња како подарок, за да се чувствуваат и тие посебно. Знам колку е важен тој ден за секое девојче – да се чувствува убаво, сигурно и посебно,“ Јас самата сум поминала низ моменти кога поддршката ми значеше сè, па сега со радост ја дадов на тие што им беше најпотребна,“ објасни Радмила со скромност, но и со искрена емоција во гласот.

Нејзиниот гест беше потсетник дека убавината навистина доаѓа одвнатре – од добрина, емпатија и искуство што го претвора болното минато во инспиративна сегашност.