12 јуни 2020
Менекше е 27-годишна мајка на две деца од Скопје. Нејзиното семејство е вклучено во Програмата за зајакнување на семејства на СОС Детско село од октомври 2016 година. Со помош на програмата, младото семејство успеа да ги надмине многуте проблеми кои ги имаше. Но, во текот на изминатите месеци, сé се промени.
Бев убедена дека иднината на моето семејство станува посветла. Но, пред неполни 3 месеци, ресторанот во кој работев како помошничка, се затвори. Сопствениците рекоа дека ќе ме повикаат откако ќе им биде дозволено повторно да отворат. Во исто време и мојот сопруг, кој е градежен работник, престана да работи. Немањето работа за моето семејство значи немање храна.
Имам две деца. Лукас, мојот постар син, има седум години и оди во второ одделение. Лусио е на 3-годишна возраст. И двајцата многу сакаат да си играат со другарчињата, но тоа сега е невозможно. Деновите ги поминуваат дома, одвреме-навреме излегувајќи сами во нашиот мал двор.
Храна – тоа е она што ни е најпотребно. Пакетите со храна кои ги добиваме од СОС Детско село ни се огромно олеснување. Благодарение на нив, моите деца не се гладни. Добиваме и хигиенски производи како сапун, шампон, средства за дезинфекција… Ако не ги добиевме од СОС Детско село, немаше да можеме сами да ги купиме.
Здравјето и благосостојбата на моите деца ми е најважна. И нивното образование, се разбира. Бев загрижена за Лукас бидејќи наставата се одвиваше онлајн, а ние немаме компјутер. Постојано контактирав со неговата наставничка која ми ги праќаше лекциите преку Viber, на мојот мобилен телефон, а јас нејзе домашните задачи. На почетокот беше тешко и Лукас не го прифаќаше тоа како училишна обврска, но потоа се привикна. Учењето он-лине особено ни олесна кога го добивме таблетот како донација од СОС Детско село. А и Лукас беше неверојатно среќен. Морам да кажам дека иако малку поинаку сепак успешно ја заврши и оваа учебна година.
Се привикна на сé, дури и да стави маска и ракавици на себе и помалото братче пред да излезат да си играат во дворот.
Назад кон сите новости