Тип на донација
Сума

или

1 декември 2021

ЗАГУБАТА ОСТАНУВА, НО ДОБРИТЕ ДЕЛА ВЕЧНО ЌЕ СЕ ПАМЕТАТ

Во пресрет на Јубилејот 20 години СОС ДЕТСКО СЕЛО, со големо жалење и тага ја примивме веста за смртта на нашата Претседателка – Славица Спироска, долгогодишен член и актуелен Претседател на Здружението на граѓани СОС Детско село.

Нејзиниот придонес кон работата на СОС Детско село датира од самите почетоци на СОС ДЕТСКО СЕЛО Македонија. Уште од далечната 2006 година, станува член на Генералното собрание на здружението и го поддржува СОС Детско село во неговите пионерски чекори, а од 2009 година станува и континуиран член на Управниот одбор.

Најзаслужено, во  2019 година беше избрана и за претседател, преземајќи ги обврската и одговорноста со голема мотивација и посветеност.

Таа со своето Претседателствување донесе нова и позитивна енергија во организацијата. Зрачеше и пленеше со својата стабилност, умереност, смиреност и рационалнa поддршка на сите одлуки пред се во интерес на децата. Децата и згрижувачите ги сметаше за највисок приоритет и постојано потенцираше дека таму секогаш треба да биде нашиот главен фокус.

Сите што ја познаваа Славица, го знаат тоа што го знаеме и ние. Посветена и на семејството, и на бизнисот и партнерите, на своите внуци, на цвеќињата во Лешок, на СОС Детско Село…таа секаде стигнуваше и секаде го даваше максимумот од себе и секогаш со позитивен пристап и став дека има решение за сè.

Загубата на Славица како сопруга, мајка и баба, е најтешка за семејството. Но, тагата и загубата се големи и за СОС Детско село. Славица ќе остане вечно запаметена во нашите срца по своите дела, љубов и трпение кое го имаше за сите.

Загубата останува, но добрите дела вечно ќе се паметат!