15 мај 2020
Валентина Димовска изминатите десет години е водечки психолог во програмата за зајакнување на семејства на СОС Детско село. Нејзината работа вклучува психосоцијална поддршка за деца и родители, спроведување на обуки за јакнење на родителските капацитети, развивање на развојни стратегии и можности за рано учење и развој за предучилишните деца, вклучувајќи ги маргинализираните групи, спроведување обука на заинтересирани кандидати за згрижувачи и индивидуална психолошка поддршка на жртвите на семејно насилство.
Г-а Димовска поседува диплома од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, од Гетшталт-институтот во Скопје; но, исто така е и сертифициран обучувач за PRIDE методологијата.
Во ова интервју, г-а Димовска зборува за тоа како пандемијата од коронавирусот влијае на семејствата во ризик, што претставува закана за децата, како и за влијанието врз работата на СОС Детско село.
Семејствата се борат да преживеат. Немаат пари. Не можат да купат храна и производи за хигиена. Нивните деца не можат непречено да ја следат онлајн наставата.
Нашата работа со семејствата е нарушена. Зборуваме со семејствата преку телефон и ги среќаваме само на неколку минути кога доаѓаат да ги подигнат хуманитарните пакети. На овој начин само загребуваме по површината. Не можеме да бидеме сигурни што всушност се случува и кои се подлабоките проблеми во семејствата како резултат на кризата.
Сепак, ние многу добро ги познаваме нашите семејства и тие ни веруваат. Ги бараме по телефон периодично, во зависност од нашата последна евалуација на нивната состојба и нивните потреби. Но, и тие имаат слобода да не’ побараат секогаш кога чувствуваат потреба од поддршка, совет, консултација. Досега, за овие два месеца криза состојба, имавме еден поголем инцидент – случај на семејно насилство – каде успеавме да интервенираме.
Се јавив на семејството и слушнав врева во позадина. Таткото зборуваше неповрзано. Извика „полиција“ и ја предаде слушалката на сопругата. Мајката ми кажа дека се карале и дека маж ѝ ја удрил пред нивните деца. Плачењето и врескањето на децата го алармирало соседот, кој се јавил во полиција. Ја смирив мајката, ѝ реков да ги следи упатствата од полицијата и да им даде изјава. Следно, го пријавив случајот во Центарот за социјална работа. Тоа е стандардна процедура. Во нормални услови, нашата интервенција ќе се одвиваше во координација со стручните работници од одделот за семејно насилство во ЈУМЦСР Скопје. Во ваквата кризна ситуација, ниту ние, ниту тие, не можевме да интервенираме директно со иницирање средба, ниту пак да одиме во домашна посета.
Семејството имаше многу проблеми, но семејното насилство не беше еден од нив. Тие живееја од минималната плата на таткото и враќаа банкарски кредит. И пред кризата имаа финансиски проблеми, поради што често им дававме пакети со храна и хигиена. Исто така, обезбедуваме образовна поддршка на највозрасното дете и ги запишавме помалите две деца во градинка. Во февруари годинава зборувавме за можностите за работа за мајката. Пандемијата го стопираше прогресот и донесе подлабоки финансиски проблеми.
Таткото ја изгуби работата на почетокот на март. Децата останаа дома со затворањето на училиштата и градинките. Семејството нема заштеда, нема можност за резерви со производи, нема пошироко семејство што би им помогнало. Со храната од нашите пакети за помош успеваат да преживеат.
Зборував со родителите поединечно на телефон. Мајката ми кажа дека последната недела била тензична. Двајцата сопружници немале многу трпение еден за друг и за децата и често се расправале. Тој ден, кавгата ескалирала со пцости и навреди, а потоа ја удрил. Таткото рече дека се налутил затоа што жена му зборувала на телефон, а куќата била несредена. Во понатамошниот разговор сподели со мене дека се почувствувал безнадежно и очајно зашто не може да го издржува своето семејство. Призна дека причината за инцидентот била неговата фрустрација. Зборував често и долго со двајцата родители. Во тие разговори ги навратив наназад на работилниците што ги посетуваа и на нивните индивидуални советодавни сесии, повторувајќи повторно и повторно какви последици имаат насилните дејства врз децата.
Го постигнав тоа што двајцата, особено таткото, станаа свесни за причините не само за насилството, туку и за постојаните расправии во претходните денови. Им го освежив помнењето со работите што ги научија на нашите работилници за да разговараат отворено еден со друг. Беа упатени до Центарот за социјална работа за да аплицираат за помош од државата, а полицијата вршеше последователни посети за да се увери дека мајката и децата се безбедни. Сето ова им помогна на сопружниците повторно да станат партнери. Сè уште редовно телефонски комуницирам со двајцата родители.
За жал, тоа е една и за нас, најважна интервенција што во моментов не можеме да ја направиме. Зборував со највозрасното дете на телефон, но освен „добро сум“, и „добро е“, не можев да добијам повеќе.
Децата што се жртви или сведоци на насилство најчесто не можат да ги вербализираат своите искуства и емоции. Особено помалите, а во овој случај сите деца се под седумгодишна возраст. Во разговор, децата даваат кратки, површни одговори без детали за нивните стравови и претрпените трауми. Најдобар начин за стекнување увид во емоционалната состојба на децата е преку личен контакт, разговор, игра, цртање, приказна или опсервација да се дознае коренот на нивната траума за да можат да добијат соодветна помош.
Превентивните мерки од пандемијата нè спречуваат да им дадеме соодветна психолошка помош на децата. Прашувањето преку телефон за тоа што се случило и како се чувствуваат, може повеќе да наштети. Децата ќе бидат ставени во ситуација повторно да ја преживеат траумата, а ние нема да можеме да им помогнеме да ја надминат.
Начин на заштита на децата во овие услови е да се интервенира со родителите. Да ги разберат последиците од нивните постапки. Им повторив на родителите дека насилството раѓа насилство. Ако детето секојдневно гледа насилство, тоа ќе научи дека насилството е начин на однесување и комуницирање. Насилникот најверојатно некогаш бил жртва. Се разбира, никогаш не го оправдуваме насилното однесување. Работиме на спречување на таквото однесување, соодветно и професионално ја насочуваме личноста кон позитивни развојни промени.
Во моите секојдневни телефонски разговори, на родителите им повторувам дека децата не се само лишени од слободното движење туку исто така и од другите модели на учење и другите видови комуникација што ја имаат в училиште, со нивните врсници, наставниците, со соседите и роднините. Во оваа криза, децата ги имаат само своите родители. А родителот сега ја нема само примарната улога на родител. Родителот сега е и учител и пријател. Тоа е премногу, свесни сме.
Превентивните мерки од пандемијата можат и водат до фрустрации. Се трудам да ги издвојам позитивните аспекти и тоа е она за кое зборувам со родителите. Ги враќам родителите наназад кога минувањето заедничко време со своите деца им беше проблем, немаа време. Им велам дека сега е моментот да ја зацврстат својата врска со децата, подобро да ги запознаат, да најдат заеднички интереси и да разговараат. Споделете ги своите среќни приказни од детството, среќните сеќавања, прашајте ги за нивните посебни моменти, фантазирајте за иднината, правете планови.
Никој од нас нема видено ваква криза. Но на секоја криза треба да се гледа како на нова можност. Не можеме негативно да се гледаме себеси и имаме обврска да не дозволиме тоа да им се случи на децата.
Од 50те семејства кои се во нашата програма, за два месеца криза имавме само еден случај на семејно насилство, кој ви го опишав. Не се залажувам дека тоа е реалноста. Ќе бидеме сигурни што се случувало и кои проблеми се појавиле кога ќе можеме повторно да се сретнеме со семејствата.
Она што ќе ме убеди дека, и покрај кризата, нашата помош прави разлика е сознанието за прогресот што сме го направиле со семејствата пред да почне кризата. Просечно, едно семејство останува во програмата три години. По приемот во програмата, секое семејство во ризик се евалуира, главните проблеми се забележуваат и заедно со семејството формираме развоен план за семејството со јасни цели. Кон секој проблем пристапуваме индивидуално, чекор по чекор. Во секој чекор, не само што им помагаме и ги охрабруваме децата, туку и нивните родители. Она што се стремиме да го постигнеме е силно семејство на кое нема да му биде потребна нашата помош.
За мене, средбата со семејствата повторно кога ќе заврши кризата, ќе биде на еден начин проценка на нашата работа. Ако видиме дека голем број семејства се повторно онаму каде што беа кога ги сретнавме, лично ќе го сметам тоа за неуспех. Како да сме ставиле завој на скршена нога. Ама ние не ставивме завој. Ние направивме операција, ја одигравме нашата улога и обезбедивме физикална терапија. Убедена сум дека нашата работа има позитивен ефект. Да, ќе има неуспеси. Да, ќе има нови проблеми што треба да се решат. И да, многу од нив нема да можеме да ги решиме. Затоа соработуваме со владиниот сектор, со бизнис заедницата и со невладините организации.
Она што и досега го правевме со нашата работа е зајакнување на семејствата и ставање фокус на безбедноста и добросостојбата на децата. Не смееме да размислуваме дека оваа криза ќе ги урне сите наши претходни напори како кула од карти.
Две работи правиме исклучително добро: развиваме добро родителство и ја промовираме заштитата на децата.
Доброто родителство е научена вештина и може да се развива. Имаме континуирани обуки за развивање на родителските капацитети. Ако родителите немале добар пример на родител во своето детството, најчесто поради ничија вина, секако, ги учиме на тоа. Секој чекор кон целите поставени во развојниот план за семејствата го вклучува целото семејство – децата и родителите.
Ние воспоставуваме доверливи и пријателски односи со родителите. Кога ќе им се јавам, родителите не добиле повик од Валентина психологот, туку од Валентина, нивната пријателка која се грижи и размислува за нивната добросостојба. Знаат дека секоја постапка што ќе ја направиме јас и моите колеги е директно насочена кон позитивниот развој на нивното семејство. Понекогаш е тешко да се слушнат и да се прифатат некои работи. Ама родителите ја знаат мојата агенда. Знаат дека ќе одам по тешките прашања со јасен план и отворен повик за давање помош. Ни веруваат. Коренот на оваа доверба лежи во одржувањето на нашите ветувања. Ветуваме дека ќе треба време и ќе биде тешко, но заедно ќе го подобриме животот на целото семејство.
Заштита на детето е фокусот на нашата работа во текот на учеството на семејството во програмата, а сопирањето и превенирањето на насилството е клучниот аспект. Сите родители ја знаат нашата Политика за заштита на децата. Тие за овој предмет посетуваат работилници. На нашето советување еден на еден постојано ги упатуваме на оваа политика. Знаат дека не правиме компромис кога е во прашање безбедноста на детето. Родителите знаат дека нема да се двоумиме да повикаме полиција или други релевантни авторитети ако дознаеме дека е загрозена безбедноста на детето.
Во случајот што го опишав немаше потреба да повикам полиција зашто соседот повикал. Среќна сум што и заедницата учествува во тоа. Ниту јас, ниту кој било друг, не може да биде со семејството 24/7 за да биде сигурен дека ќе нема инциденти. Често, во нашата секојдневна работа, членовите на заедницата ни приоѓаат за да не информираат за одредени работи што сметаат дека се загрижувачки. Тие знаат кои сме ние, што работиме и ни веруваат за преземањето дејствија. Заедницата нè гледа како важен играч во заштитата на детето.
Децата знаат дека нивната безбедност е наш приоритет. Ги обучивме како да реагираат ако доживеат насилство или пак се сведоци на насилство. Им дадовме на знаење дека помошта секогаш може да дојде. Тие не смеат никогаш да молчат и да трпат насилство. Без разлика дали ќе ни се јават нам, на сос телефон или на полицијата, важно е да знаат дека постои начин да добијат помош.
Она што го гледам како практичен проблем во ова време е фактот дека многу деца од семејствата во ризик немаат сопствен телефон или компјутер. Оваа криза ги држи дома зошто имаме полициски час. Кога децата ќе доживеат или ќе бидат сведоци на насилство, немаат начин да го пријават директно и веднаш. Додека да стигнат до телефон или компјутер, инцидентот е веќе минато и родителите можеби ја намалиле магнитудата на траумата. Од таа причина, сега работиме на опремување на сите семејства со пристап до интернет и со таблети што ќе имаат претходно инсталирана апликација за пријавување семејно насилство кое ќе им овозможи на децата да побараат помош само со едно кликање.
Пред кризата, користевме таблети во нашата програма за да ги обучиме децата како да ја користат оваа апликација. Децата брзо учат. Сигурна сум дека поседувањето на вакви таблети многу ќе придонесе за нивната безбедност.
Непречено образование. Одлично е што училиштата се префрлија на онлајн платформи, но овој начин на учење не допира до децата со кои ние работиме. Тие немаат компјутери. Тие немаат интернет врска. Нивните родители немаат вештини да се вклучат на платформите и да ја најдат вистинската лекција.
Повеќето родители во нашата програма се со ниско образование. Некои се неписмени. Не можат да им помогнат на децата за каква било училишна работа. За пополнување на оваа празнина, се потпираат на нашата помош. Ние обезбедуваме менторство и поддршка за домашните работи. Но, оваа компонента од нашата работа сега не функционира.
Неодамна побарав од училиштата што ги посетуваат децата од нашите семејства известување за нивниот напредок. Известувањата беа поразителни. Речиси сите деца не испратиле или испратиле домашна работа со сите неточни одговори. Тоа е показател дека тие или не ги следат лекциите или не ги разбираат. Жал ми е што морам да кажам дека повеќето од овие деца ќе ја завршат оваа учебна година со празнини во нивното образование, кои ќе бидат проблем во наредната учебна година.
Дополнително, некои родители не го сфаќаат сериозно онлајн учењето. Еден татко ми рече: „За какви лекции зборувате кога училиштата се затворени?“ За некои родители концептот на таквото алтернативно учење е непознат и неприфатлив. Други родители даваат сè, ама толку можат да направат. Гледам одлични заложби на родителите во школувањето на децата кои се во пониските одделенија. Повисоките одделенија, петто и нагоре, се едноставно премногу комплицирани за родителите.
Се надевам дека таблетите што ќе ги обезбедиме ќе го олеснат школувањето. Сепак, кога ќе заврши оваа криза, мораме да вложиме дополнителни ресурси за премостување на образовната празнина.
Од 2007 година имаме помогнато на 311 семејства во ризик со вкупно 906 деца. За овие 13 години надминавме трауми, најдовме работа, ги подобривме училишните оценки. Им помогнавме на децата да се запишат во средните училишта и на универзитетите. Им помогнавме на родителите да стекнат вештини и да најдат работа. Ги однесовме семејствата во правец што некогаш им изгледал далечен и недостижен. Направивме да веруваат во себе и во своите способности. Бевме таму за нив во нивните најдобри и најлоши моменти. Ги поместивме нивните граници и им покажавме дека можат повеќе.
Од 311 семејства, 68 % (210 семејства) си заминаа од програмата со постигнати цели и постигната независност. Досега ниедно од нив не се јави да побара помош. Сигурно пандемијата ги погодила и нив и некои се соочуваат со проблеми. Но, знам дека ги оставивме со стекнати вештини што ќе им помогнат да поминат низ ова и да излезат посилни. Поради тоа нашата работа е значајна и поради тоа ние мораме да бидеме тука за уште семејства и деца.
Не е лесно. Ќе помислите дека без редовните обуки и закажаните советувања имаме повеќе време за документација. Ама не е така. Всушност, сега имаме многу повеќе работа. Беше тешко кога полицискиот час почнуваше во 16.00 часот зашто моравме да заминеме во 14.30 за да стигнеме навреме дома. Мерките се порелаксирани сега, полицискиот час почнува во 19.00 часот, така што имаме полно работно време. Сепак, часовите летаат. Често забораваме и да јадеме сè додека не дојде времето да заминеме дома.
Се справуваме со ситуации за кои немаме и не можеме да добиеме доволно информации. Се обидуваме да им дадеме приоритет на потребите на семејствата врз основа на последните околности на кои сме биле сведоци и за кои сме слушнале. Ги преиспитуваме своите одлуки цело време. Се потпираме на професионализмот и се трудиме тој да не води, но хуманиот, човечкиот дел може да ве скрши.
Добиваме повици од семејства што велат дека им е потребна нашата помош. Сега не можеме да направиме соодветна евалуација, затоа мораме да ги ставиме на листа на чекање. Обидете се да заспиете мислејќи дека денес сте ѝ рекле на самохрана мајка дека ќе и се јавите кога ќе заврши кризата. Ние сме професионалци, но во исто време и луѓе.
За среќа, семејствата ги споделуваат нивните успеси со нас цело време. Пред некој ден, една млада жена од нашата програма ми кажа дека го положила приправничкиот испит на работа. Јас бев првата личност на која ѝ се јавила. Бев толку среќна за неа, восхитена. Еден родител ми кажа дека успеал да најде работа. Тоа е она кое предизвикува насмевката на моето лице и ме прави посилна. Нашите семејства не се предаваат, па кога ќе го слушнеш тоа, не можеш ни ти да се предадеш.
Знаеме дека мораме да останеме здрави и гласни за да продолжиме да им помагаме на другите. Сега не можеме да добиеме поддршка, како на пример професионална супервизија, што е многу важно за нашата сопствена ментална добросостојба. Зборуваме со колегите и се поддржуваме меѓусебно. Се трудиме и да имаме слободни денови за да поминеме време со нашите сопствени семејства, на кои сме им исто така потребни.
Но најважно од сè, она што ни дава сила е довербата што ја добиваме од солидарноста на луѓето и нивната волја да им помогнат на семејствата и децата во ризик. Тоа покажува дека заедно сме во ова и заедно ќе го надминеме.
Назад кон сите новости