Тип на донација
Сума

или

28 март 2020

Уште една работна недела е зад нас-Горди сме на нашите вработени

Животот и активностите на децата и младите згрижени во СОС Детско село продолжуваат да се одвиваат во согласност со новонастаната ситуација. Просториите во кои децата престојуваат секојдневно се дезинфицираат, хигиената е подигната на највисоко ниво, а посетите и контактите со надворешни лица и понатаму се одложени. Стручните тимови засилено работат на организирање на секојдневните образовни и забавни активности помагајќи им на СОС згрижувачите да обезбедат најквалитетна грижа за своите семејства.

Семејствата во социјален ризик кои се корисници на Програмата за зајакнување на семејства, веќе ги добија потребните совети и препораки за преземање превентивни мерки за заштита од коронавирусот и непречено ја добиваат неопходната помош во храна и средства за хигиена со цел да им се олесни секојдневието во овој исклучително тежок период. Секојдневно сме во комуникација со повеќе од 50 семејства, а воведовме и телефонска линија преку која нашите стручните тимови непречено обезбедуваат психо-социјална поддршка и советување за сите членовите на семејствата во социјален ризик на кои тоа им е потребно.

Исклучително сме горди на нашите стручни тимови кои обезбедуваат континуираната психосоцијална поддршка за децата, младите и семејствата во ризик, на едукаторите кои овозможуваат образовниот процес непречено да се одвива и во домашни услови, на целата администрација која придонесува животот да се прилагоди со новонастаната ситуација, и секако, на СОС згрижувачите кои се тука за своите семејства.

Здравјето и безбедноста на децата, младите и вработените остануваат и понатаму наш приоритет во борбата со коронавирусот, а нашата организација секојдневно ги следи и применува сите нови препораки и мерки пропишани од надлежните институции.

Неизмерно сме им благодарни на сите компании и индивидуалци кои несебично ни даваат поддршка во овие тешки моменти и веруваат дека ниту едно дете не треба да расте само.