28 март 2023
На 21 и 22 март 2023 година, во Советувалиштето Шуто Оризари, организиравме завршни прослави со семејствата кои учествуваа на циклуси од 14 групни советувања за „Јакнење на семејства“. Прославивме со вкупно 18 родители и 22 деца на возраст од 6 до 16 години, кои беа учесници на советувањата во период од 4 месеци, со динамика од еднаш седмично.
Горди сме што активно учествуваа 16 семејства. На завршните средби, со цел прослава и „дипломирање“, организиравме заеднички настани на кои на родителите и децата учесници им беа доделени дипломи за редовно и активно учество, а 5 семејства беа наградени за најредовно и најактивно учество.
Во текот на сесиите сите почувствувавме различни емоции – радост, тага, збунетост и слично. Но, на последната сесија бевме позитивно изненадени од изјавите на родителите и децата.
Изјави на родителите: „Од вас научив да бидам смирена, порано многу се нервирав и избувнував. Сега знам да зборувам со децата на поубав начин“; „Кај мене има голема промена, порано децата ги прекинував кога зборуваа, сега ги слушам“; „Јас секогаш последна си одев, од што ми беше убаво да учам и да се дружам“; „Среќна сум што моите деца пак се редовни во школо и не се тепаат“; „Од се што добивме кај вас, вашиот совет е најважен и највреден“.
Изјави на децата: „Многу ми беше убаво, игравме разни игри и имавме интересни вежби“; „Се дружев и научив дека е штетно да пушиме цигари“; „Се беше поучно и забавно, многу внимание добивме од вас“; „Научив како да му кажам на некого критика, без да го навредам“.
Децата учесници се претставија себеси преку различни креативни изведби (музички точки, цртежи, кулинарски вештини). Се поздравивме со взаемна благодарност за заедничката дружба и со убави желби и позитивни пораки.
Назад кон сите новости