13 јануари 2023
Нашето СОС Советувалиште Шуто Оризари, во месец ноември беше посетено од ученици и наставници од локалното основно училиште, кои ни донесоа донација од хигиенски производи и облека.
Тоа што не плени и на што сме многу горди е фактот што иницијатор на хуманитарната акција е Суада 12 годишно девојче, кое заедно со своето семејство, во минатото беа наши корисници на услугата на советување.
Таа со огромна желба и мотивација поттикната од поддршката која таа ја добила во рамки на Советувалиштето, се одлучила да преземе иницијатива за хуманитарна акција во своето училиште во општина Шуто Оризари, каде ги активирала своите соученици, одговорни наставници и стручниот тим на училиштето со цел да се соберат што е можно поголем број на донации за семејствата во социјален ризик кои се поддржани во рамки на Советувалиштето.
„Сакам сите деца да се почувствуваат сакани, поддржани и разбрани. Во Советувалиштето на СОС Детско село, јас и моите родители добивме огромна поддршка, ги подобривме нашите комуникациски вештини и ги зајакнавме нашите релации. Јас ја зајакнав мојата самодоверба и собрав храброст пред целото училиште да ја споделам идејата за хуманитарна акција која ќе им биде од голема помош на семејствата во ризик. Мојата мотивација е резултат на искрената соработка, поддршка и охрабрување кое постојано го добивав од страна на вработените во советувалиштето. Тие веруваа во моите способности и ме поддржуваа да ги надминам стравот од јавно говорење, да ги зајакнам вештините за комуникација и да делувам позитивно врз однесувањето на моите врсници. Сметам дека се што ќе си замислиме можеме и да го оствариме, па така и оваа хуманитарна акција стана реалност и се надевам дека во иднина оваа идеја ќе биде мотив и потткнување за моите соученици да земат учество во бројни хуманитарни акции“. – вели Суада.
Назад кон сите новости