6 ноември 2018
На 15 јуни во организација на Агенцијата за вработување на Република Македонија се одржа Саем за вработување, предвиден како практичен начин за спојување на работодавачите и невработени лица.
Тимот на СОС Детско село Македонија, со свој штанд беше присутен на саемот. Целта беше двојна – да се претставиме пред невработените лица и да ги запознаеме со услугите што ги нудиме во рамки на проектот за Социјална инклузија и економско зајакнување на млади. Така, младите невработени лица што го посетија нашиот штанд имаа можност директно да разговараат со нашите советници за вработување и волонтери и да ги споделат своите најголеми бариери за да се вработат.
Заинтересираните, добија информации во однос на она што го нуди Ресурсен Центар во населба Ченто, поддршката и можностите за обуки, квалификација, преквалификација, доквалификација, практикантство, како и поддршка за отворање мал бизнис. Беа разменети контакти и договорено да се закажат поединечни средби во Ресурсниот центар со цел да се утврди најдобриот начин на кој ќе можеме да ги поддржиме за да ја остварат својата цел – да се вработат или да се само-вработат.
Истовремено, саемот претставуваше одлична можност да оствариме контакти со работодавачи и да слушнеме од нив каков вид на кадри им се потребни, т.е што е она што е денес актуелно и се бара на пазарот на труд. Остварени се контакти со компании како Мак Стил, Глобал Такси, Рамстор, Мелница Фурна Диме, Агенција за обезбедување УНА, Кроација Осигурување, Секјуриком, Нептун, Кабтел, Унига и многу други. Сите се согласни со тврдењето дека работа има, но се потребни квалификувани работници. Токму тука ние ја гледаме нашата улога како поддржуач и посредник за сите млади кои сакаат да ги надградат своите вештини, капацитети и самодоверба за полесно да стигнат до вработување.
Доколку не успеавте вчера да дојдете на Саемот за вработување, а сте младо лице на возраст до 29 години или млад родител на возраст до 35 години, побарајте не на 071 370 150 или дојдете во Ресурсниот Центар на ул. Палмиро Тољати бб, во населба Ченто, во општина Гази Баба.
Назад кон сите новости