Тип на донација
Сума

или

6 ноември 2018

Работна средба за згрижувачи во СОС Детско Село 2017

По повод денот на згрижувачите кој секоја година се одбележува на 1 јуни, СОС Детско Село Македонија организираше работна стручна средба на 25 мај 2017 во просториите на Ресурсниот центар во Гази Баба. Стручната средба имаше цел да го истакне значењето на згрижувачите во Република Македонија и да поттикне дискусии за улогата и значењето на згрижувачките семејства во системот на социјалната заштита.На средбата беа присутни згрижувачи од згрижувачки семејства во Скопје, згрижувачи кои се поддржани од СОС Детско село, претставници од ЈУМЦСР на Град Скопје, социјални работници од Психијатриска болница Скопје, претставници од Институтот за социјална работа на Филозофскиот факултет во Скопје и претставници на СОС Детско село.

Присутните згрижувачи кои се поддржани од СОС Детско село истакнаа задоволство од стручната поддршка која секојдневно ја добиваат од кадарот за развој на деца и од обуките, работилниците и останатите облици на дополнителна едукација која ги јакне и унапредува нивните знаења и професионални вештини. Тие препорачаа ваква поддршка да се овозможи и за останатите згрижувачки семејства од Скопје. И претставниците од останатите згрижувачки семејства во Скопје, го поздравија овој предлог и ја истакнаа потребата од повеќе можности за обука и унапредување на своите знаења и вештини.

Во тој контекст, беа претставени последните податоци на ЈУ Завод за социјални дејности кои велат дека во моментов 368 корисници, од кои 290 деца, се сместени во 228 згрижувачки семејства во Република Македонија. Сите згрижувачи во Македонија во чии семејства се згрижени деца имаа можност во последните три години да добијат обука според PRIDE програмата која СОС Детско село ја воведе во Македонија, а е поддржана од ЈУ Заводот за социјални дејности и Министерството за труд и социјална политика. Со обука за спроведување на PRIDE обуки и со информативни сесии за PRIDE беа опфатени и 114 професионалци од центрите за социјална работа низ Република Македонија. Во текот на сите овие обуки се истакнаа голем дел од потребите на згрижувачите, но и професионалците од центрите за социјална работа, кои потоа беа дадени како препораки на Министерот за труд и социјална политика.

Дел од тие потреби се:

– Повеќе тековни обуки за згрижувачите со цел зајакнување на нивните вештини и знаење

– Реактивирање или основање на ново здружение на згрижувачи

– Згрижувањето да стане професија

– Можности за посвојување на згриженото дете од страна на згрижувачот

– Зголемување на финансискиот надоместок за згрижување на дете

– Вклучување на PRIDE моделот во законска регулатива, PRIDE подготвителната обука да биде задолжителна за кандидатите за згрижувачи во РМ

– Внесување на PRIDE програмата во посвојувањето, односно подготвителна обука за потенцијални посвоители

– Обука на биолошки родители преку PRIDE методологијата

– Повеќе можности за размена на искуства меѓу згрижувачите и меѓу професионалците за поддршка на згрижувањето

– Поставување нормативи за обем на стручна работа

– Унапредување на стандардите и процедурите за алтернативна грижа

Присутните стручни работници изразија почит кон професијата згрижувач и кон хуманоста на згрижувачите. Дел од нив истакнаа дека на згрижувачите им е потребна континуирана едукација со цел да се унапредат нивните знаења и вештини за грижа и да можат успешно да се справуваат со предизвиците во грижата. Беше истакната и потребата оваа професија повеќе да се промовира во јавноста како облик на грижа кој е најблизок до биолошкото семејство, а со цел да се зголеми бројот на згрижувачките семејства кои ќе можат да одговорат на потребите на децата во Република Македонија кои ја загубиле грижата од своите родители.

Средбата заврши со заклучокот дека се потребни повеќе слични средби каде ќе може да се споделат мислења и предлози од згрижувачи, социјални работници и други стручни работници кои го поддржуваат процесот на згрижување, но и да се прошири кругот на учесници со други профили кои ќе дадат личен придонес во актуелизирање на оваа тема и промовирање на професијата згрижувач.
На крајот од средбата беше упатена честитка до сите присутни згрижувачи со желби за успешна натамошна кариера во областа на грижата за децата без родители.