Тип на донација
Сума

или

promocija protokoli ju centri

6 ноември 2018

Промоција на протоколи за постапување со ЈУ Центри

Промоција на „Протоколи за постапување“ помеѓу ЈУ Меѓуопштинските центри за социјална работа во Република Македонија и Здружението на граѓани СОС Детско село Македонија Министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски, Програмскиот директор  на СОС “Детско Село Македонија” Марио Јанчев и директорот на Заводот за социјални дејности, Татјана Ристова Димова ги промовираа Протоколите за постапување помеѓу ЈУ Меѓуопштинските центри за социјална работа во Република Македонија и Здружението на граѓани СОС Детско село Македонија.

 

Со протоколите се дефинирани и определени процедурите за постапување помеѓу надлежните институции со цел континуирано унапредување на квалитетот на грижата за децата без родители и родителска грижа и потребата за јасно прецизирање на улогата на секој учесник во заштитата.

“Заедничките протоколи претставуваат алатка за координирано системско, ефикасно и ефективно постапување на сите професионални структури коишто ги третираат прашањата од оваа област, со јасна динамика, цел и дефинирани фази за реализација”, изјави министерот Ристовски.

Министерот посочи дека основните принципи на коишто се темели протоколот се: најдобриот интерес на детето, правото на детето на живот, опстанок и развој, правото на детето на семејство, право на информираност на детето за сите состојби и дејствија коишто го засегаат и правото на учество на детето и други права што го засегаат детето без родител и родителска грижа.

“Со практичната примена на Протоколот се овозможува професионализам и етика на лицата одговорни за спроведување на законите, со јасна одговорност и компетенција на секој од учесниците, а со фокус пред се кон потребите на детето”, изјави министерот Ристовски.

Тој информираше дека по промоцијата на протоколите ќе следуваат обуки за вработените во установите вклучени во оваа активност, со цел обезбедување на координиран и правилен пристап, а секој во рамки на своите надлежности, кон целната група – деца без родители и родителска грижа.

“Протоколот ја стимулира соработката, тимската работа и примената на европските стандарди, што претставува уште една потврда за заложбите во воспоставувањето на координиран систем на социјална заштита за деца без родителска грижа”, заврши министерот за труд и социјална политика.

Програмскиот директор на СОС Детско село, Марио Јанчев истакна дека протоколите претставуваат потврда за практикување и унапредување на соработката меѓу граѓанскиот сектор и јавните установи за социјална заштита.

Јанчев рече дека протоколите се од суштинско значење поради тоа што ќе го унапредат пристапот во комуникацијата и административното постапување на меѓуопштинските центри за социјална работа кон системот на социјална превенција кој го спроведува СОС Детско село Македонија.