12 јуни 2023
Најдобра средина за растење и развој на секое дете е неговото биолошко семејство. Грижата и љубовта на родителите е најважниот двигател во животот на децата. Кога децата растат во силна и здрава семејна средина, исполнета со љубов и грижа, имаат поголеми шанси да напредуваат и да имаат подобра иднина како возрасни.
Но, за жал за многу деца ова не е возможно!
Кога децата не можат да растат со сопственото семејство, потребно им е друго – згрижувачко семејство кое ќе ги заштити и исполни нивните потреби.
Токму тоа е нашата мисијата во изминатите 22 години. Ние градиме семејства за децата без родителска грижа со цел секое дете да расте со љубов, грижа и чувство на припадност.
Но, многу често нѐ прашуваат зошто децата не се посвоjат, зошто се потребни згижувачки семејства?
ПОСВОЈУВАЊЕ
За да се овозможи вклучување на едно дете во системот на посвојување, потребно е родителското право на неговите биолошки родители да е трајно одземено или родителите да се согласни на тоа.
При посвојување на дете, родителското право трајно се пренесува на посвоителите и со тоа доаѓаат и трајните обврски кои доаѓаат со родителството. Тоа е еднократен процес, а врската со детето е доживотна. Посвоеното дете ги ужива сите привилегии исто како и биолошкото дете.
Врската со Центарот за социјална работа продолжува сè додека семејството не биде целосно добро приспособено.
ЗГРИЖУВАЊЕ
Од друга страна, згрижувањето е привремено.
Родителското право на биолошките родители од најразлични причини е само привремено одземено и старателството на детето останува на државата.
Згрижувачот му обезбедува на детето привремено безбеден дом во кој детето добива љубов и грижа до моментот на неговото враќање во биолошкото семејство, посвојување или полнолетство. Исто така, згрижувачот добива месечен надоместок за покривање на трошоците за грижа за детето.
Станувањето згрижувачки родител е исто така еднократен процес, но постои постојан однос со Центарот за социјална работа и Центарот за поддршка на згрижувачките семејства бидејќи старателството на детето останува на државата; тоа значи дека Центрите го следат згрижувачкото семејство и работат на тоа да обезбедат трајно решение и тоа да биде направено во најдобар интерес на детето.
Сличноста помеѓу згрижувањето и посвојувањето е во тоа што и двете обезбедуваат топла семејна средина исполнета со грижа и љубов.
СОС Детско село дава поддршка на згрижувачките семејства кои се најблиска форма на биолошкото семејство.
И вие може да помогнете, да го отворите вашето срце и вашиот дом, и да згрижите дете. На следниот линк ќе ги најдете сите потребни информации www.zgrizuvanje.mk
Назад кон сите новости