Тип на донација
Сума

или

otvaranje vtora mladinska kukja sos detsko selo

6 ноември 2018

Отворање на втора Младинска Куќа во Бардовци

На 26.10.2012 во 11:00ч. во н. Бардовци,  Здружението на граѓани СОС ДЕТСКО СЕЛО МАКЕДОНИЈА официјално ја  отвори  втората Младинска Куќа  во  која во изминатата недела се сместија 14 млади деца – средношколци, без родители и родителска грижа. Планот за отворање на оваа Младинска куќа е започнат пред 2 години, но проектот беше пролонгиран заради недостиг на простор и немање на финасиски можности.

Денес благодарение на поддршката од германската фондација Херман Гмајнер–Фонд  која ги обезбеди средствата за наем на куќата и покривање на оперативните трошоци, како и на поддршката од домашните компании, кои  помогнаа при опремувањето со сé што е потребно за еден современ топол дом,  овој проект стана реалност и уште една можност за соодветно згрижување на оваа ранлива категорија на деца. Во рамките на Младинската куќа, која претставува втора фаза на грижа на децата од СОС Детското Село, децата се осамостојуваат и се учат на практични животни вештини кои ќе им помогнат поуспешно да се интегрираат во заедницата. Младите  на овој начин преземаат поголема одговорност за себе и се подготвуваат за сите идни предизвици  кои ги очекуваат.

 

`Нашата постдипломка Силвана Ивановска , токму во овој час го брани својот магистерски труд, и во 2013 година ќе биде првата младинка која ќе замине од системот на поддршка на СОС ДЕТСКО СЕЛО. Посебно сме горди на оваа постдипломка која е модел и пример за нашите идни младинци и се надеваме дека и овие младинци ќе го следат нејзиниот пример и ќе го дооформат своето образование со цел да можат поквалитетно да придонесат во заедницата и  да станат идни доктори, професори, економисти или пак  градоначалници и Министри`-рече Претседателката на Управниот Одбор на СОС ДЕТСКО СЕЛО Македонија, Г-ѓа Владанка Давковска  во поздравното обраќање.

На самото отворање, се обрати Министерот за Труд, Г-нот Спиро Ристовски,кој ги потенцираше можностите од последните мерки на Владата во насока на унапредување на животниот стандард на социјално ранливите групи и  одлуката  секое дете без родителска грижа кое ќе го напушти домот за згрижување на деца, да добие стан од државата. Исто така, потсети на можностите за сите оние младинци кои ќе се запишат на студии на Државните Универзитети, да добиваат по 18.000 денари месечно за покривање на трошоците и 180.000 денари за поддршка за секое дете над 18 години кое ќе ј напушти грижата.

Градоначалникот на  Општината Карпош, Г-нот Стевче Јакимовски, како домаќин им посака добредојде на овие млади деца во новата заедница.

Директорот на Државната Лотарија на Македонија, Г-нот Владимир Бахчовановски рече:` Согласно мотото на нашата компанија – ЗА ДОБРО, Државната Лотарија на Македонија ја покрена оваа иницијатива за опремување на Младинската куќа во соработка со Мебел Ви и Техномаркет,  и обезбедивме мебел, бела техника и други апарати за потребите на секојдневното живеење на овие млади деца. Интересно е што прва во оваа иницијатива се вклучи добитничката на 7-ката од играта на среќа НовоЛото 7/34, со понуда за вложување на 3000 евра од својата добивка во оваа хумана акција со цел да се овозможат нормални услови за живеење и развој на 14-те младинци.

Покрај Државната Лотарија во поддршка на оваа кампања,се вклучија и други компании и индивидуалци, и нови и  долгогодишни пријатели на СОС Детско Село, како : ДХЛ Експрес Македонија, Капитал Банка, Агротехна, Општина Гази Баба, Општина Карпош, Алмак Мебел, Електромеханика, Инбокс продукција, ДПУТ -11 Септември, Blizoo, Ивана и Димитар Јаневски  и други.

Со отворањето на оваа  Младинска куќа во скопското с. Бардовци, ќе бидат згрижени 7 момчиња и 7 девојчиња од 14 до 18 годишна возраст а со ова исто така ќе се овозможи  прием на нови помали деца во рамките на СОС СЕМЕЈСТВАТА во СОС ДЕТСКОТО СЕЛО. Во моментот во рамките на СОС СЕМЕЈСТВАТА  се згрижени 53 деца до 15 годишна возраст, 27 деца  од 15-18 годишна возраст се сместени во  Младинските програми а 9 млади луѓе од 18-25 годишна вораст живеат во индивидуални станови преку поддршка на Програмата за полусамостојно живеење на СОС ДЕТСКО СЕЛО. Преку своите превентивни програми, под закрила на оваа организација се подржуваат уште 350 деца во социјален ризик кои живеаат во рамките на своите биолошки семејства.