25 ноември 2022
“Ужасно студено беше надвор, снегот паѓаше без престан во глувата ноќ. А беше Нова година.
Снегулките паѓаа врз нејзината долга косичка. А таа осамена гледаше во прозорците од кои излегуваше светлината на новогодишните свеќички.
Почна да станува многу студено. Таа извлече едно дрвце од малото кутивче и го запали.
За момент се најде до новогодишната елка, која блескаше во светлината на илјадниците свеќички. Светлоста одеше нагоре, нагоре високо се дури до небото.
Погледна и ги виде ѕвездите на небото. Падна ѕвезда.
“Треба да си замислам желба.“- си помисли таа. “Сакам само да не сум сама, сакам да имам семејство и да си бидам дома на топло сега, заедно со нив.“- прошепоте тивко.“
Многу од нас ја знаат една од најемотивните приказни од детството, приказната за “Девојчето со кибритчињата.“ од Ханс Кристијан Андерсен. Приказната за студената зимска ноќ. Оваа приказна секогаш успева да ни ги насолзи очите, но и да не потсети на вистинските, значајни вредности во животот. Семејството!
За жал за некои деца ова не е само приказна. Ова е реалност за децата без мајка, без татко. Без грижа. И без љубов.
Со ваша помош СОС Детско село веќе 20 години им дава втора шанса на децата без родителска грижа, обезбедувајќи им топол дом исполнет со љубов, и можност да имаат среќно и безбедно детство.
Назад кон сите новости