
30 мај 2025
Денес ја славевме љубовта што го менува детскиот свет
СОС Детско село со гордост го одбележа Меѓународниот ден на детето и Денот на згрижувачките семејства, два значајни датуми што ја истакнуваат важноста на љубовта, стабилноста и семејната грижа во животот на секое дете.
Настанот се одржа во свечена и емотивна атмосфера, посветена на згрижувачите – луѓето кои секојдневно им нудат љубов, безбедност и иднина на децата без родителска грижа.
Оваа година, одбележувањето доби и дополнителна димензија со свеченото отворање на новите простории на Центарот за поддршка на згрижувачки семејства, како и специјализираното Одделение за психолошко советување и специјално образование со рехабилитација за деца со комплексни трауми.
Новите капацитети се дел од регионалниот проект „Надминување на системски празнини – Поддршка на реформите во системот за заштита на децата“, финансиран од Германското министерство за економска соработка и развој, во партнерство со организацијата HGFD – Германија.

„Денес со гордост ги отвораме новите капацитети – уште еден чекор во нашата мисија да создадеме стабилна и сигурна иднина за децата.
Веќе 24 години сме посветени на поддршка на најранливите – децата без родителска грижа, и веруваме дека згрижувањето е одговорност на целото општество. Денешното присуство на институции, партнери и граѓани е јасна порака дека само заедно можеме да создадеме силен, достапен и ефикасен систем на поддршка.
Нашето присуство во општините Аеродром, Бутел, Арачиново, Чучер Сандево, Илинден, Петровец и Гази Баба, како и подготвеноста на многу градоначалници за соработка, ни даваат надеж дека нашите услуги ќе стигнат до секое дете и секое семејство што има потреба,“ изјави Др. Александар Трајковски, Претседател на Управен одбор на СОС Детско село.


Во своето обраќање, Јулијана Гапо, Национална директорка на СОС Детско село, нагласи:
“Веруваме дека секое дете носи своја приказна. Некои од тие приказни се обележани со загуба, траума или несигурност. Затоа, наша обврска е да создадеме околина која не само што обезбедува безбедност, туку и разбирање, прифаќање и исцелување. Овој нов почеток е резултат на визија, но и на соработка со институциите, со здруженијата, со поддржувачите, и пред сè со Вас, згрижувачите.
Нека денешниот ден биде потсетник дека заедно можеме да направиме вистинска промена – не само на политиките, туку и во животите на децата. Ви благодарам од срце што сте тука. Ви благодарам што сте дел од ова семејство. И ве повикувам да продолжиме заедно – посветено, храбро и човечно. Заедно можеме да создадеме подобро утре за секое дете. Да ни е честит денот на згрижување, да им е честит денот на децата! Благодариме што сте тука со нас.“
Им благодариме на заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски и градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, за присуството и поддршката. Заедно – институции, организации и граѓани – можеме да градиме општество каде секое дете има шанса за среќно детство.

Во своето обраќање заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски изјави:
“Денес го славевме семејството како избор и згрижувањето како најчиста форма на љубов. Заедно со СОС Детско село, го промовиравме новиот Центар за психолошко советување и специјално образование со рехабилитација кој ќе биде симбол на грижа, визија и надеж за децата.
Ова не е само објект. Ова е порака дека секое дете заслужува поддршка, секое дете заслужува глас. И за тоа, потребни се луѓе како згрижувачките семејства кои се срцето на нашиот систем за грижа.“

“Овој настан беше особено значаен, бидејќи свечено го пуштивме во употреба Центарот за психолошко советување и специјално образование со рехабилитација, важен ресурс кој ќе обезбеди стручна помош и поддршка за децата и младите кои се соочуваат со различни предизвици. За нас, СОС Детско Село не е само институција – тоа е срце на хуманоста во нашата општина. Со својата долгогодишна посветеност на децата и младите, ова село претставува безбедно прибежиште, но и основа за иднина исполнета со шанси, образование, љубов и поддршка- изјави Бобан Стефковски, Градоначалникот на Гази Баба, Бобан

СОС Детско село упатува голема благодарност и до сите гости, поддржувачи и семејства кои беа дел од овој значаен ден. Заедно, продолжуваме по патот на љубовта – за секое дете да има шанса за среќно детство и сигурна иднина.
Назад кон сите новости