Тип на донација
Сума

или

ffm sos detsko selo

20 мај 2019

Обединети во радоста што ја носи фудбалот – Отворање на реконструираното фудбалско игралиште

Под мотото „Обединети во радоста што ја носи фудбалот“, заедно со нашите партнери Фудбалска федерација на Македонија свечено го отворивме реконструираното фудбалско игралиште во рамките на СОС Детско село во Ченто.

Еден од важните сегменти во работата на СОС Детско село Македонија е да делуваме во правец на поддршка и на зајакнување на заедниците со цел да се креира позитивна средина во која децата и младите ќе може да се развиваат.

За таа цел, во рамките на проектот „Фудбалот е моќ“, финансиран од Фондацијата УЕФА, кој го спроведуваме во соработка со Фудбалската федерација на Македонија го реконструиравме фудбалското игралиште во рамките на СОС Детско село во Ченто. Со подобрување на условите на ова игралиште, ќе се зголеми бројот на деца кои ќе можат да го користат, а во исто време ќе можеме да организираме турнири и спортски натпревари. Првиот ваков турнир, се надевамe, еден од многуте во иднина, го организираме токму денес.

fudbalot e mokj

Зорица Серафимовска Арсовска – Претседател на Управен одбор на СОС Детско село Македонија во оваа прилика акцентираше: „Оваа година ја одбележуваме и триесет годишнината од Конвенцијата за правата на детето на Обединетите нации. Токму, едно од фундаменталните детски права е правото на игра и на живот во добра и здрава околина.Токму затоа, веруваме дека реконструираното и модерно игралиштето ќе биде едно од омилените места за децата од населба Ченто кое ќе им овозможи многу мигови на дружба, и ќе придонесе за развој на психо-физичкото здравје, ќе ги зајакнува самодовербата, вештините за комуникација, соработка и тимски дух. Ова секако ќе придонесе и за поголема инклузивност на децата во општина Гази Баба.“

ffm sos detsko selo„СОС Детското село повеќе од 15. години посветено работи и се бори за заштита на детските права во нашата земја, а овој придонес на ФФМ во реконструкцијата на фудбалското игралиште е наша поддршка, не само за вас, туку и за сите деца од заедницата кои ќе го користат овој терен. Драго ми е што ја поддржавме работата на СОС Детското село и ве номиниравме да ја добиете наградата од УЕФА, на овој начин сите заеднички придонесуваме преку фудбалот да се подобри квалитетот на живот на децата во нивната заедница и да ги штитиме вистинските вредности. Од мое и од името на Фудбалската федерација на Македонија ви честитам за реализацијата на проектот, убеден сум дека ова ќе биде инспирација повеќе деца да играат и да уживаат во фудбалот, затоа што – Фудбалот е за сите“, “- истакна Муамед Сејдини- Претседател на ФФМ.

ffm sos detsko selo 2

  „Во општеството мораме да бидеме реални и толерантни, мораме да бидеме луѓе кон сите и да имаме почит кон сите. Можеби единственото нешто за што размислуваат децата е како да дојдат до топка и како да играат фудбал, а Фудбалската федерација на Македонија со поддршка на УЕФА секогаш ќе вложува и ќе поддржува вакви проекти. Наша должност е да се избориме за што повеќе средства кои ќе се користат за ваков тип на проекти, за да им дадеме основа на децата, а тие понатаму ќе се развиваат. Најважно е децата да бидат задоволни, затоа што нивната насмевка не може да се купи, а вреди многу. Мислам дека голем број на деца играат многу повеќе животни „натпревари“, отколку што ние како федерација организираме, но една од нашите улоги е да им помогнеме колку што можеме. Како социјално одговорна организација мило ми што придонесуваме преку фудбалот да се подобри квалитетот на живот на деца од социјално ранливи категории кои живеат во СОС Детско село“,  нагласи  Филип Поповски- генерален секретар на ФФМ.

ffm sos fudbal

Во рамките на проектот Фудбалот е моќ, ги вклучивме децата во спортско-рекреативни активности, со континуирана поддршка од професионалци / тренери кои постојано работат со нив. Проектот цели кон поттикнување и развој на спортскиот дух кај децата, а со тоа и промовирање на здрав начин на живот. Уште повеќе, фудбалот им овозможува да ги зајакнат сопствените капацитети, способности и вештини кои ќе придонесат за нивна самореализација.

Низ годините, успеваме активно да придонесуваме кон заедницата, благодарение на многуте партнери, донатори и пријатели на нашата организација. Денес особено им се заблагодаруваме на нашитепартнери: Фудбалската федерација на Македонија и УEФА Фондацијата, без кои овој подвиг ќе беше невозможен.