11 август 2020
Игор има 10 години. Живее во семејството на СОС мајка Оле во СОС Детско село во Скопје од почетокот на 2020 година. Оттогаш до денес мама Оле успеа да ја замени постојаната тага на лицето на Игор со негови чести весели насмевки. Денес, Игор вели дека секој ден во СОС Детско село му е преубав. Но годинешниот летен одмор за Игор има посебно сеќавање.
„Летово бевме две недели во Струга. Искрено, ако можев да бирам, ќе останев со тетка Оле, мојата СОС мајка која многу ја сакам. Но, таа ме убеди да одам во Струга. Реков дека ќе одам само заради тоа што и верувам на тетка Оле. Уште првиот ден видов зошто ме убедуваше. Си игравме цело време. Пливавме, се прскавме, ловевме риби со трски. Многу ми беше убаво. Ловењето риба ми беше најубавото нешто на одморот. Научив да врзувам мамци и да фрлам трска. Но, кога ја уловив првата риба се растажив. И што сега? Рибата треба да умре за ние да ручаме? Тогаш чичко Љупчо, нашиот педагог, ми објасни што е тоа спортски риболов и ми кажа како и кога да ја вратам рибата назад во езерото за да продолжи да живее. Се прерадував! На одморот уловив многу риби и сите до една ги вратив во езерото живи и здрави. Ако ние треба да пазиме на нашето здравје и да бидеме живи и здрави, исто така треба да се грижиме и за сите живи суштества околу нас. Многу ми беше убаво на одморот. А најубавото нешто беше дека ги галев рибите пред да ги вратам да си пливаат во нашето убаво езеро. Ова ми беше најпреубав одмор.“
Благодарение на вашата поддршка ова лето 78 деца и млади од СОС Детско село Скопје беа на двонеделен одмор во Струга. По петмесечна строга изолација поради пандемијата на коронавирусот, децата и младите конечно можеа да се опуштат и да уживаат во убавините на Охридското Езеро во безбедната околина на одморалиштето на Црвениот крст на Град Скопје Солферино во Струга. Од срце ви благодариме за вашата непрекината поддршка на нашата заедничка мисија: топол дом и грижа за секое дете. Продолжете да ја поддржувате работата на СОС Детско село! Одете на www.sos.org.mk и станете СОС суперхерој кој ќе создава прекрасно детство за секое дете.
Назад кон сите новости