Тип на донација
Сума

или

mladinec sos detsko selo

29 јули 2020

Мојата приказна

Пред три години изгубив сè што дотогаш имав. Мојата мајка, семејството, домот каде што живеев… буквално сè. На прагот на полнолетството, завесата ненадејно се спушти. Следно видов осамена млада девојка без иднина, без поддршка, без утеха, без личност која ќе ме насочи кон вистинскиот пат.

Во тој момент се појави СОС Детско село. Ме посетија, поразговаравме и така почна нашата заедничка приказна која сè уште трае.

Имав редовни средби со психолози и стручни лица од тимот. Вложија многу напори да ми помогнат да чекорам по патот кој свесно го избрав, иако имаше многу препреки.

Ми помагаа финансиски, со пакети храна и облека, но најважни за мене беа поддршката и довербата која ги добив уште од првиот ден. Во септември 2018. година, започнав интензивно да посетувам бесплатни обуки и работилници организирани од страна на СОС Детско село во рамки на програмата за зајакнување на млади. Благодарение на нив, аплицирав во НЛБ Банка и ја добив работата!

mladinec sos detsko selo

Вработена сум од мај 2019. Година. Премногу сум благодарна на довербата на двете институции, но и горда за привилегијата која ја добив.

Пресреќна сум што сум дел од големото СОС семејство кое ми ја врати надежта за подобро утре и ме увери дека јас тоа го заслужувам.  Не ми дозволија да се откажам ниту во најтешките моменти.  Ми го подарија тоа кое ми беше најпотребно по загубата на мајка ми – силни прегратки, топол збор и неизмерна поддршка.

Единствено нешто што знам е дека никогаш нема да ги разочарам луѓето кои ми подадоа рака тогаш кога паѓав кон дното. Тие сè уште ме поддржуваат на патот кон врвот.

Во моментов сум студент во втора година на правниот факултет на Универзитетот ФОН.

Напоредно работам и студирам, и наоѓам време за пишувањето на мојата прва автобиографска книга. Книга посветена на мојата мајка, но и книга во која го опишувам мојот нов почеток. Мојата тешка борба со самата себе си и сите предизвици кои ги надминав чекорејќи по тешкиот пат, иако сега имам само 21 година.

mladinec sos detsko selo

И покрај сè, јас не се обесхрабрувам. Не се откажувам од вложувањето во себе, личниот раст и развој и образование.

Храбро се борам за еден ден да имам можност и јас да придонесам ниту едно дете да не расте само и несебично да помогнам секому кој ќе одлучи да тргне по патот на успехот тоа да го оствари на полесен начин од мене!

Сигурна сум дека подобро утре постои за секој и ќе продолжам да се  борам за него!