Тип на донација
Сума

или

mladinska razmena slovacka

6 ноември 2018

Младинска размена во Словачка 2015 – СОС Детско Село

Oд 23ти август до 1ви септември во организација на МладиИнфо, 10 средношколци од СОС Детско Село учествуваа на младинска размена во Р. Словачка, заедно со учесници од Бугарија, Романија, Словачка и Естонија. Целта на проектот финансиран од Еразмус + преку Националната Асоцијација на Словачка беше да се споделат културните различности и сличностите на земјите учесници. Преку добро осмислени, структурирани и интересни активности, младите добија појасна слика за толеранција, прифаќање и волонтерство.

 

За време на проектот, групата млади oд СОС Детско село изработи кратки презентации за Македонија, за мислењето на младите од нашата земја за сличностите и различностите со младите од другите европски држави, ја споделија нивната визија за иднината, нивните очекувања и стравувања, а изработија и кратко видео за суштината на волонтерството со цел да поттикнат што поголем број млади од нивното опкружување да се занимаваат со волонтерство.

 

„Многу сум задоволна што бев дел од ваков проект. Дознав многу за различните култури, се запознав со многу обичаи, верувања, вкусив прекрасна храна од различи земји во Европа. Посебно ме радува фактот што на крајот од десетдневното другарување, заеднично учење и размена на ставови, се враќам дома убедена дека сме повеќе слични отколку различни.
Во оваа фаза имаме и домашни задачи. Наредниот период ќе треба да собереме група на млади лица пред кои ќе го презентираме проектот и ќе ја пренесеме пораката, ќе го прикажеме видеото кое го направивме за волонтерство, со цел да поттикнеме што повеќе млади лица да се занимаваат со хуманитарни активности во своето слободно време.

 

Како тим ќе треба да направиме и една волонтерска активност, која не ни е сеуште смислена, но се надевам дека во многу брзо време ќе ја смислиме и реализираме. Јас лично ќе се заложам тоа да биде некоја интересна активност со која ќе се обидеме да ја подигнеме јавната свест за “фрлањето на храна”. Идејата ја добив од размената на искуства, токму во Словачка.
Имено, младите таму направиле пунктови по сите големи ресторани, супермаркети, но и индивидуални домаќинства, на кои се собира храна која сеуште може да се подели на различни ранливи категории, семејства во социјален ризик, бездомници. Станува збор за храна која останува од разни луксузни кетеринзи, свадби и најразлични прослави, храна која е ден-два пред истек на рок на траење, а може веднаш да се употреби. За оваа активност во земјите на Европска Унија се добива дури и даночно олеснување, и со тоа се поттикнува овој начин на помош. А се почнало со еден скромен настан на полштад.
Би сакала и ние, во Македонија, да направиме такво нешто…за доброто на сите. “-изјави Хабиба, една од учесниците од СОС Детско село Македонија .

 

Уште еднаш, искрена благодарност до тимот на МладиИнфо што овозможи учество на овие млади во еден ваков проект, кој поттикнува и мотивира вклучување на младите во граѓански активизам.