28 октомври 2020
Пишува: Берима Хачам, психолог во СОС Детски села Босна и Херцеговина
Здравјето е состојба на целосна физичка, ментална и социјална благосостојба, а не само отсуство на болест и исцрпеност. Без ментално здравје, воопшто нема здравје. За жал, многу често менталното здравје го ставаме настрана и не го гледаме како приоритет, особено денес во време на пандемија.
Менталното здравје подразбира можност за промена, прилагодување и справување со тешкотиите и стресот. Ако сме флексибилни, можеме да ги решиме проблемите. Кога нашето ментално здравје е нарушено, почнуваме да ја губиме флексибилноста и секогаш ги користиме истите стратегии за решавање на проблемите, без разлика дали се соодветни на ситуацијата. Или, уште полошо, целосно избегнуваме да се соочиме со проблемите.
Пандемијата КОВИД-19 е нова и досега непозната опасност, па затоа стравот е природен и очекуван феномен. Коронавирусот суштински ги потресе сите аспекти од нашите животи: лични, семејни, социјални и деловни. Ограничувањата на движењето, социјалната дистанца, работата од дома, „онлајн“ настава, промените во дневните рутини ја ставија на тест нашата способноста за брзо прилагодување на новонастанатата ситуација. Знаењето за вирусот, препораките како да се заштитиме и преземените мерки од страна на државата, делумно го ублажија стравот. Сепак, загриженоста за економските, социјалните, семејните и образовните последици е голема.
Постојат значителни разлики помеѓу луѓето во нивниот одговор на продолжен стрес – најголемиот дел добро се снаоѓаат во кризни ситуации и минуваат без симптоми на ментално растројство или пак, тие се благи и краткотрајни. Само мал дел од погодените луѓе развиваат симптоми кои можат да траат со години и да предизвикаат хронична дисфункција.
Факторите на ризик (пред пандемијата) се однесуваат на карактеристиките на личноста. Треба да се напомене дека истражувањата покажуваат дека жените се помалку издржливи од мажите, но и младите лица на кои им е потешко да се справат поради помало искуство. Во ризична група спаѓаат и старите лица, бездомници, мигранти, како и оние со слаба социјална поддршка и низок социо-економски статус. Претходните трауматски искуства исто така можат да ја зголемат ранливоста на поединецот. Изолацијата, недостатокот на контакт со врсници, нарушеното секојдневие, ги класифицира и децата и адолесцентите во ризик поради што се потребни превентивни мерки и следење на психопатолошките симптоми за време и по пандемијата.
За време на пандемијата предизвикана од коронавирусот откриено е дека повеќе од 50% од испитаниците имале симптоми на анксиозност и депресија. Исто така, регистрирано е зголемување на чувството на осаменост, семејно насилство и злоупотреба на деца.
Важно е да се знае дека менталното здравје не значи дека секогаш треба да сме среќни и расположени. Сите се соочуваме со проблеми, стресови и загуби, а потоа се чувствуваме исплашени, загрижени, лути, тажни. И тоа е во ред, Сите се соочуваме со проблеми, стресови и загуби, а потоа се чувствуваме исплашени, загрижени, лути, тажни Доброто ментално здравје ни овозможува да ги прифатиме нашите емоции и да се справиме со проблемите користејќи ги нашите ресурси, вештини и способности. Менталното здравје значи вклучување во продуктивни активности – активности кои ги вклучуваат нашите сетила, емоции и интелект и ни помагаат да растеме и да се развиваме. Затоа, секогаш треба да работиме на себе.
Сепак, човекот не е изолирана индивидуа. Сите ние сме под големо влијание на околината, а менталното здравје е основа на благосостојбата и доброто функционирање на индивидуата, но и на заедницата. Ако сакаме ментално здрава заедница, покрај задоволувањето на основните потреби, почитувањето на човековите, политичките, економските, социјалните и културните права, мора да создадеме услови за учење и градење на квалитетни односи. Истражувањата покажуваат дека промовирањето на квалитетно родителство и ментално здравје во училиштата преку учење емоционални и социјални вештини, имаат позитивно влијание врз менталното здравје на децата и младите. Ова позитивното влијание продолжува и во зрелоста. Посебно внимание треба да се посвети на најранливите групи во општеството и секако, да се обезбеди еднаков пристап до услугите за ментално здравје за сите лица.
Назад кон сите новости