6 ноември 2018
Државата финансиски ќе помага и поддржи 28 деца и млади над 14-годишна возраст без родители и родителска грижа сместени во четири станбени единици во самостојно и организирано живеење со поддршка. За реализација на оваа помош и поддршка денеска беше потпишан Меморандум меѓу Министерството за труд и социјална политика и СОС Детско Село.
„Со потпишувањето на денешниот Меморандум, ја надградуваме и интензивираме досегашната соработка во делот на згрижување на деца и млади над 14-годишна возраст преку формата на вонинституционална заштита – Организирано живеење со поддршка за деца без родители и родителска грижа. При тоа, МТСП ќе ги надоместува месечните трошоци за 28 деца и млади сместени во четири станбени единици за организирано живеење со поддршка“ рече по потпишувањето на Меморандумот министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
За оваа намена министерството ќе издвојува по близу три милиони денари годишно. Претходно, министерството и Владата се обврзаа на финансиска поддршка на сите СОС згрижувачки семејства, тогаш вкупно 12, за што се издвојуваат околу шест милиони денари годишно со кои засега се покриваат околу 15% од трошоците по дете, згрижени во СОС Згрижувачките семејства.
„Горди сме што бевме дел од овoј процес кој иако долг и интензивен, беше фокусиран на изнаоѓање на квалитетни решенија, и кои отворија една нова врата и можности за проширување на формите за згрижување на деца без родители во државата и кои ќе може да се имплементираат не само за СОС ДЕТСКО СЕЛО Македонија туку и за други потенцијални организации, установи или индивидуалци кои ќе можат во блиска иднина да исполнат критериуми во однос на соодветни ресурси, стручност, искуство и стандарди во работењето и ќе придонесат за зголемување на капацитетите на државата за згрижување на овие ранливи категории”.
Јулијана Гапо, Национален директор на СОС Детско село Македонија истакна дека овие младинци веќе имаат предуслови да бидат успешни, со оглед на, како што рече, поддршката што оваа организација ја дава, но и мерките кои ги реализира Владата на Република Македонија.
Назад кон сите новости