Тип на донација
Сума

или

learning soft skills

15 јули 2019

Меките вештини-клучни за професионалниот и личен развој на младите

Веќе четири години, СОС Детско село, активно делува на полето на зајакнување на младите во социјален ризик со цел нивна зголемена вклученост во општеството и на пазарот на труд. На тој начин активно придонесуваме кон подобрување на севкупната социо-економска благосостојба на младите луѓе и семејства во ризик.

Низ блиската соработка со сите засегнати страни, а особено со работодавачите, постојано се истакнува важноста на меките вештини кај вработенитe, понекогаш дури и повеќе од стручните вештини. Како клучни за успешна интеграција на пазарот на труд работодавачите ги истакнуваат комуникациските вештини, тимската работа, справување со конфликти, менаџирањето на време и сл.

Токму затоа, ваквите обуки се интегрирани во секојдневната работа на Проектот за социјална инклузија и економско зајакнување на млади во Ресурсниот центар на СОС Детско село. Обуките се спроведуваат од страна на вработените, лиценцирани кариерни советници, од СОС детско село.

Обуките за изработка на апликација за работа, работна биографија CV и мотивационо писмо, начини на барање работа и подготовка за интервју за работа имаат повеќе цели. Младите корисници се запознаваат со процесот на барање на работа, кој опфаќа повеќе теми, како и каде бараме работа, како се аплицира за работа, што содржи едно портфолио за вработување, како и запознавање со поимите работна биографија и мотивационо писмо и нивната содржина и начин на пишување на истите. Најголем интерес младите покажуваат на темата за изработка на работна биографија и темата за подготовка за интервју за работа.

Особено интересни за нив се вежбите за пишување на работна биографија и симулациите на интервју за работа што им овозможуваат преку игра на улоги да искусат како изгледа едно интервју и да добијат повратна информација и совет од страна на признати менџери за човечки ресурси од познати компании.

learning soft skills

Целта на обуката за комуникациски вештини, справување со конфликти и подготовка за интервју, е зајакнување на капацитетите на корисниците со цел подобра и поуспешна комуникација во иднина. Младите се запознавааат со техниките за комуникација, исто така и со дефинирање на конфликтите како појава во комуникацијата како и техники на решавање на конфликтите.

Како последна компонента од обуката се препораки и начин на комуникација во процесот на барање работа, интервјуа и во процесот на преговарање. Младите корисници покажуваат голем интерес за овие теми.

Обуките се замислени да бидат интерактивни со постојано вклучување на корисниците што се постигнува преку користење на релевантни и реални примери кои им се блиски на младите, прашања поврзани со темата и преку куси вежби за време на обуките. Особен интерес учесниците покажуваат за техниките за комуникација и техниките за справување со конфликти.

mladinci sos detsko selo

Целта на обуките за финансиска писменост е запознавање на корисниците со рационалното алоцирање на нивните лични буџетски средства. Детално и со прилагодена терминологија и методологија, на корисниците им се објаснува како подобро да го менаџираат својот буџет.

Најголем интерес корисниците покажуваат на темата за разликата помеѓу личните фиксни и варијаблни трошоци и како рационално да се менаџираат, пресметување на проценти, разликата помеѓу неопходните и луксузните добра, за тоа што претставува потреба а што желба и за техниките кои можат да помогнат за идентификација на потребите и желбите, за видовите на даноци и нивната употреба, за кредитите од банкарскиот сектор и за разликата помеѓу нето и бруто плата.

Учат да работат и со табела за водење на евиденција за приходи и трошоци со цел подобро менаџирање на личните приходи.  Овие обуки делуваат многу мотивирачки не само за рационално да ги трошат своите средства, туку и како да напредуваат во кариерата за да го зголемуваат својот буџет.

obuka

Доплнителни обуки кои се реализираат во Ресурсниот центар на СОС Детско село се обуките за презентација и само-презентација, за менаџмент на време, за тимска работа, за менаџмент на стрес, странски јазици, како и обуки за компјутерски вештини.

До сега, повеќе од 350 млади ги искористија услугите за интеграција на пазарот на труд. Од нив 138 млади успешно се вработија, а се отворија и 57 мали бизниси кои успешно растат и напредуваат.

Секое невработено младо лице може да се информира како да стане корисник на услугите на овој проект.

Контакт:

Ресурсен центар- СОС Детско село

Адреса:ул. Палмиро Тољати бб,

1000 Скопје Градинка 25 Мај-Клон Искра

Телефон: +389(0)71 370 150