30 октомври 2020
Новата учебна година за многу семејства во социјален ризик значеше започнување на главоболките и на родителите, но и на децата. Тие беа ставени пред предизвикот да следат on-line настава, а родителите не се во можност да им ги обезбедат потребните предуслови.
За да им излеземе во пресрет на семејствата од социјален ризик кои ги поддржуваме, СОС Детско село во септември започна со имплементација на проектот „Аdditional international funding for COVID-19 Response“. Со проект е предвидено да се опфатат 24 семејства во социјален ризик на територија на општина Гази Баба и Шуто Оризари кои ќе добијат лап топ и приклучок за интернет со цел непречено следење на онлајн наставата, како и пакети за превенција и заштита од Ковид-19. Покрај материјална помош, предвидени се и психо-социјални советувања, работилници и поддршка од страна на стручни лица. Доделувањето на лаптопи, со кое следува и кратко упатство за негово користење и помош за инсталација на потребните програми за следење на онлајн настава, веќе е во тек.
“Се надевам дека со активностите предвидени во овој проект ќе допринесеме за квалитетно и непречено следење на онлајн наставата која за многу деца претставува сериозен проблем. Родителите пак, ќе добијат поддршка во инфомирање и упатување за остварување на правата од Социјална заштита, јакнење на нивните родителски капацитети. како и поддршка при заштита и превенција од КОВИД 19 преку обуки, работилници и советувања” – вели Андријана Ѓелевска, социјален работник во СОС Детско село.
Радоста кај децата кои веќе добија лап топ и интернет конекција е голема. Сега и тие, на исто како и нивните соученици, можат да го следат образовниот процес. Бојана Спиркоска, психолог, која работи како надворешен соработник на проектот, им помага на дечињата да стекнат знаења како да го користат лап топот, но и платформите преку кои се одвива наставата. “За секое дете изработуваме проценка на образовниот статус, а потоа, согласно потребите на детето, се изработува и план за работа”.
Во време на пандемија кога следењето на наставата е сведено само од далечина, овој проект ќе им обезбеди на децата на училишна возраст да го остварат своето право на образование. Покрај тоа, проектот им овозможува на сите членови на семејството, особено на жените и децата, советување и пристап до сервиси за заштита од насилство, советување за справување со стрес, стравови, како и конструктивно разрешување на конфликти. “Вклученоста на родителите во образовниот проект е дополнителна вредност бидејќи им се овозможува унапредување и јакнење на нивните родителски капацитети и вештини преку индивидуални или групни советувања се со цел стекнување на знаења за правилна грижа кон децата” – додава Тања Ѓуровска, психолог во СОС Детско село.
За Андријана Зарева-Кипровска, психолог во СОС Детско село, најважно е “на секое дете да му се даде еднаква можност за подобра иднина преку олеснување на пристапот до образование, но и со грижа за менталното здравје и на децата и на нивните родители”.
Родителите на Емануел се дел од Програмата за зајакнување на семејство и за нив оваа помош значи многу. Кога им се јавивме да ги прашаме дали можат да дојдат по лап топот, во позадина го слушнавме гласот на Емануел “мамо, дали тоа значи дека нема веќе да учам од малово телефонче?“
Возбудата, среќата и насмевката се толку очигледни кај секое дете при првиот допир со лап топот. Сандра нетрпеливо чекаше во дворот, а кога ја повикавме да влезе за да го земе нејзиниот лап топ извика: “цел викенд не можев да спијам и едвај чекав да дојде понеделник за да го добијам лаптопот. Си викав ајде, ајде понеделник!”
Родителите на семејствата во ризик даваат се од себе децата да го продолжат образованието, но во новонастанатите услови, без помош и поддршка, не се во можност тоа да им го овозможат. “Моето дете многу сака да учи, оди на натпревари, но се плашам дека нема да може да продолжи и ќе му се намали успехот. Тажен е, му влијае на самодовербата зошто не ја следи наставата како станатите деца. Со вашата помош мислам дека ова набрзо ќе се промени и пак ќе си го имам истото исполнето и среќно дете” – вели еден од родителите на децата вклучени во проектот.
На сите ни е потребна поддршка заради промената на секојдневието и начинот на живот. Останува на нас возрасните да бидеме модел на децата, да им помогнеме, да разговараме со нив и да ги научиме како правилно да се справуваат со стресот.
Назад кон сите новости