31 јули 2021
И оваа година 60 деца и младинци згрижени во СОС Детско село, на возраст од 2 до 17 години овие жешки денови ги поминаа на летен одмор во Струга. Распустот од училиштето е период во кој најмногу создаваме спомени како деца. Тоа не е исклучок ни оваа година.
Малата Сара си игра на плажа со другарчињата, копаат дупки, прават прекрасни фигури од песок и се радуваат на летните денови покрај езерото. Детскиот џагор и силното плискање во водата се слуша постојано. “Јас имам гума за пливање со лик на еднорог и со бои како виножито.“- со насмевка на лицето раскажува Сара.
Поголемите пак, играат одбојка, ловат риба и се спремаат за вечерните излегувања. Се радуваат на подготовките и со часови има дилема која блуза или фустанче да се облече. Се раѓаат и првите летни симпатии.
Ни се случи и кратка посета на болницата во Охрид. За среќа Јасна помина само со лангета на ногата и совет од докторот дека ќе мора да се мирува во следниот период. Ете цело е, бидејќи знаеме дека има се.
Нашите 12 силни и обучени професионални згрижувачи секојдневно будно бдеат над малите деца, ги советуваат поголемите и се грижат за ништо да не недостасува. Љубовта и грижата кон децата е она што несебично го даруваат постојано, и се трудат се да биде совршено, безбедно и во најдобар ред.
Ете толку треба за да се доживее еден летен распуст исполнет со забава, рекреација, разонода и создавајќи убави спомени. Благодарност до сите оние кои на децата и младинците згрижени во СОС Детско село им го овозможија ова прекрасно и исполнето лето.
Назад кон сите новости