20 јуни 2024
Со радост ја најавуваме новата кампања на СОС Детско село „Летен камп за децата од згрижувачки семејства“ чија основна цел е прибирање средства за одмор на дечињата од згрижувачките семејства интегрирани во локалната заедница.
Повеќе истражувања покажуваат дека децата кои претрпеле големи трауми и загуби, имаат потреба од организиран одмор со структурирани активности од спортски и забавен карактер. Водени од ова сознание, оваа година дел од децата без родителска грижа подржани од СОС Детско село ќе одат на летен камп.
Кампот претставува уникатна можност за децата од различно културно, јазично и религиско потекло да се дружат и обединат. Активностите во кампот се прецизно планирани не само за забава, туку и за зајакнување на децата. Тие се учат на одговорност, градат самопочит преку достигнувања и развиваат социјални вештини преку интеракција со врсниците.
Овој заеднички одмор им овозможува на децата да се чувствуваат како дел од едно големо семејство, да се идентификуваат со другите деца како нив и да го зајакнат чувството на припадност креирајќи позитивна слика за себе.
Таргетот на кампањата е 700.000 денари кои се потребни за покривање на десетдневен летен одмор на 46 деца од згрижувачките семејства. Се надеваме дека компаниите и овојпат ќе ја покажат својата општествена одговорност и во рамките на своите можности ќе донираат за убави сеќавања за секое дете.
Назад кон сите новости