20 февруари 2025
Со голема благодарност споделуваме дека, благодарение на хуманоста на граѓаните и нашето партнерство со Веро, успешно заврши четвртата кампања „Заокружи сметка“. Во текот на месец декември минатата година беа донирани вкупно 419.526 денари за поддршка на децата и младите без родителска грижа и семејствата на кои им е најпотребно.
Под мотото „За секое дете да има весели празници“, потрошувачите во маркетите на Веро имаа можност да ги заокружат своите сметки на износ по нивна желба и на тој начин да дадат придонес за создавање подобра иднина за децата и младите без родителска грижа и оние кои се во ризик да ја изгубат.
„Иницијативата е доказ дека сме општество кое сака да донира, ги препознаваме вистинските вредности и им благодариме на сите потрошувачи кои станаа дел од оваа иницијатива“- изјави Милана Петковски, маркетинг директор на Веро.
Само заедно, сплотени, можеме да направиме разлика. Оваа донација ќе ја искористиме за реализација на активности за поддршка на семејства со предизвици во родителството, преку лиценцирани обуки, тренинзи и советувања во рамките на нашата програма за превенција на одвојување на децата од биолошкото семејство.
Од срце им благодариме на граѓаните кои донираа, на нашиот стратешки партнер Веро, кој веќе четврта година по ред ја реализира оваа кампања, но и на касиерките и касиерите, кои беа вистински амбасадори на оваа иницијатива, мотивирајќи ги купувачите да донираат.
Заедно продолжуваме да градиме подобар свет за секое дете!
Назад кон сите новости