Тип на донација
Сума

или

poddrska sos detsko selo

15 јули 2020

Како да му кажеш на своето дете дека мора да се разделите?

Санела е мајка на три мали деца. Во нашата земја дошла како бебе заедно со родителите, бегајќи од војната на Косово. До денес, Санела нема регулиран статус, ниту лични документи.

Семејството живее во трошна куќа во околината на Скопје. Преживуваат од дневниците на нејзиниот невенчан сопруг кој е градежен работник. Санела не може да работи ниту да прима социјална помош поради нејзиниот нерешен статус. Две од децата немаат матичен број.

Оваа млада мајка живее во постојан страв од депортирање и одвојување од нејзините деца. За жал, таа знае што значи таквата загуба. „Мојот прв син се разболе и за кратко почина“, вели Санела низ солзи. „Многу е тешко да се загуби дете. Никој да не го доживее тоа.“

Четиригодишната Селина, двегодишниот Левент и петмесечната Сузана се нејзина радост и гордост. „Сакам да бидам со нив секој момент,“ вели Санела и додава дека Амет, нејзиниот невенчан сопруг, е најгрижливиот татко на светот.

И покрај семејната среќа, стравот од присилно разделување секојдневно ги демне.

“Моите родители добија решение за депортирање во Косово. Не можам да се омажам за Амет затоа што немам документи, така што сè уште сум дел од семејството на моите родители. Заедно со моите браќа и јас сум во ризик да бидам депортирана.”

Вели дека пандемијата привремено го одложила извршувањето на решението. „Границите се затворени. Моите родители велат дека решението ќе се спроведе кога работите ќе се нормализираат. Многу ме плаши помислата дека можам да бидам одвоена од своите деца.“

СОС Детско село преку Програмата за зајакнување на семејства, веќе пет години го помага семејството на Санела. „СОС Детско село многу ми помогна, особено откако почина мојот син. Ни даваа храна, облека, често разговарав со психолог. Сето тоа ми помогна да преживеам. Честопати им велам дека секој разговор за мене беше училиште. Сè беше ново и корисно. Ни помагаат и сега. Добиваме пакети со храна, хигиенски средства, пелени и адаптирано млеко. Тоа ни е особено важно сега затоа што Амет остана без работа. Ни рекоа дека ќе се обидат да најдат и правна помош за да останеме заедно,“ вели таа.

Санела сè уште не собрала храброст да разговара со постара ќерка Селина за можната разделба. “Селина има четири години и е единствена која вистински ќе го почувствува моето отсуство. Не знам како да почнам. Ќе ме праша колку долго ќе ме нема. Што да кажам? Како да му кажеш на своето дете дека мора да се разделите?“

“Сакам моите деца да бидат среќни, здрави и образовани луѓе. Амет и јас имаме само основно образование. Сакаме нашите деца да имаат можност за подобар живот, а ние да бидеме покрај нив.“

За бројот на луѓе кои се соочуваат со истата судбина на Санела постојат само проценки. Последните податоци кои ги објави Македонското здружение на млади правници покажуваат дека над 650 лица се без државјанство, од кои 70% се Роми. Овие луѓе и понатаму остануваат невидливи, па реалните бројки би можеле да бидат и многу поголеми.

СОС Детско село останува посветено на заложбата дека на секое дете му се потребни топол дом, љубов и родителска грижа, а нашите стручните тимови од Програмата за зајакнување на семејства работат на спречување на евентуална депортација на мајката и надминување на семејната траума. Одржувањето на семејството заедно, секогаш е наш најголем приоритет.