Тип на донација
Сума

или

28 мај 2020

Како да ја направите највкусната салата на свет?

Едно од семејствата во СОС Детско село времето поминато во карантин го користи за одгледување зеленчук, а приказната ни ја раскажа СОС тато Васко.

Деца, дали сакате да ја пробате највкусната шопска салата на свет? – ги прашав еден ден.

Беше тоа почетокот на април и веќе еден месец бевме затворени дома. Излегував надвор само за да купам намирници, а сопругата Буба и нашите пет деца седеа дома. Повремено, децата одеа надвор, но само околу нашата куќа и во нашиот двор.

Пред девет години, пред да станеме јас и Буба СОС згрижувачи, одгледував зеленчук и на тој начин обезбедував дополнителен приход. Сонував еден ден да направам пластеник и до нашата семејна куќа во СОС Детско село, но време никако да најдам. Сé до сега.

Откако хигиенските превентивни мерки им станаа дневна рутина на децата, а следењето на наставата и извршувањето на домашните задачи се одвиваа без проблем, ни се појави слободно време кое некако требаше да го исполниме. Помислив дека пластеникот ќе биде убав и корисен начин времето да го поминувам заедно со нашите најстари деца – Ерик и Тино.

На мое изненадување, интересот најпрво произлезе од помалите деца – Маја, Марко и Виктор. Кога почнавме да го градиме пластеникот, децата мислеа дека правиме голем шатор. Почнаа да се вртат наоколу и да прашуваат дали ќе можат да спијат во него и да палат логорски оган.

За да ги задржам подалеку од алатите и градежниот материјал, им дадов задача да прават ѓубриво. Ерик, Тино и Виктор го чистеа дворот и собираа суви лисја и гранки, а Маја, Марко и мама Буба беа задолжени за компостот. Од нашата кујна не се фрлаше никакво органско ѓубре.

Потоа, ископав дупка зад пластеникот, ја наполнивме со компост и ја покривме со тенок слој земја. Им објаснив на децата дека со време, компостот ќе се претвори во органско ѓубриво и тоа ќе биде храна за растенијата. Но, тие им раскажале на другите децата од соседните куќи дека приготвуваме јадење во дупка во земја. Неколку дечиња веднаш дојдоа да прашаат и да видат како тоа ние не го приготвуваме ручекот во кујна. “Не, не, не слушаш, исто како во училиште. Ручекот е за нашите зеленчуци” –  гордо им објаснуваше Виктор на другите деца.

Денот на садењето беше возбудлив и сите деца сакаа да учествуваат. Ги научив да направат мала дупка во земјата и таму да ги забодат садниците, да додадат ѓубриво и вода, а потоа нежно да ја натапкаат земјата околу. За нив тоа беше како игра и беа пресреќни. По некое време, ги слушнав како зборуваат – “Ставате многу ѓубриво. Садниците ви се блиску. Погледнете како јас правам онака како што ни кажа тато”. Се чувствував толку гордо и исполнето.

Засадивме кромид и пиперки. Помалите деца веднаш ме прашаа дали зеленчукот ќе можеме да го јадеме утре за ручек. Им реков дека ова не е видео игра со фарма. Не може да се допре екранот и да добиеме зеленчук за 30 минути. Во пластеникот треба да се работи секој ден – да ги наводнуваме растенијата, да го чистиме плевелот, да додаваме ѓубриво. Се договоривме да засадиме и домати и краставици. Им објаснив дека ако добро се грижиме за нашите растенија, ова лето нашето семејство ќе ја јаде највкусната шопска салата на свет.

Сите деца од куќата сакаат да работата во пластеникот. Дури и кога нема работа, со нетрпение трчаат за да видат колку сантиментри пораснале зелените перца од кромидчето и едвај чекаат да ја приготват највкусната шопска салата на свет.