Како организација која е загрижена за добросостојбата на сите деца, СОС Детско село Македонија постојано работи на унапредување на своите услуги и поддршката која ја дава, но истовремено прави и заложби да се подобри и пристапот на државните услуги до своите корисници, иницира нови социјални услуги, се вклучува во мрежи, платформи и партнерства за унапредување на законската регулатива која ја засега целната група.
Во изминатите години, подигнавме повеќе иницијативи, самостојно и со партнери, за подобрување на мерките за вработување на децата без родители и родителска грижа, зголемување на надоместокот за згрижување на децата, измени и унапредување на Правилникот за организирано живеење со поддршка, реализиравме компаративна анализа на стандардите за алтернативна грижа, учествувавме во развојот на Националната стратегија за млади во партнерство со Коалиција „Сега“.
СОС Детско село Македонија беше иницијатор за создавање на неформалната Платформа на организации и институции во општина Гази Баба, за подобрување на ситуацијата на семејствата и децата во социјален ризик. Го дадовме нашиот придонес и како членови на координативното тело, фокус-групата и работните групи во приоритетните области образование и вработување и поддршка пред вработување на младите. Бевме активни учесници во процесот на креирање на локална стратегија за млади во општина Гази Баба за 2016-2020 година, како и Националната стратегија за млади 2016-2020 година.