СОС Детско село е хуманитарна организација која веќе 20 години работи во остварување на мисијата НИТУ ЕДНО ДЕТЕ НЕ ТРЕБА ДА РАСТЕ САМО.
Како организација која се грижи за добросостојбата на сите деца, млади и семејства на кои им е потребна поддршка, за овие 20 години обезбеден е топол дом и грижливо семејство за повеќе од 376 деца и млади без родителска грижа, додека на повеќе од 1200 деца е помогнато да не бидат разделени од своите биолошки семејства.
Тешко да се каже од каде е точно идејата и кој прв ја започнал, но веќе некое време на интернет се појавуваат прекрасни ре-креации на фотографии од детството.
Возрасните бараат фотографии од нивното детство и потоа детално ги пресоздаваат. Позираат сами или со цели семејства и на сите им е многу забавно правејќи го тоа.
СОС Детско село реши да го искористи овој тренд на социјалните медиуми, и на еден интересен и забавен начин да ги поттикне индивидуалците да помогнат и да направат добро дело донирајќи за децата и младите поддржани од СОС Детско село.
Кампањата #СетиСЕ, во овој предновогодишен период не само што ќе ве натера да ги отворите вашите албуми, или кутии со слики и навистина да се потсетите на некој убав момент од вашето детство, туку ќе ви овозможи да се чувствувате убаво и благородно знаејќи дека помагате токму на оние на кој им е најпотребно- ДЕЦАТА.
Отвори ги старите албуми, и најди некоја фотографија која ќе ти предизвика убаво сеќавање од детството и најголема насмевка
Сега…направи убава организација и создади најдобра ре-креација на фотографијата. Добро е да го вклучиш и семејството, за подобра забава. Некогаш треба да побараш низ домот некои реквизити или облека за да ја копираш, но некогаш е доволно само широка и смешна насмевка за да ја доловиш фотографијата.
Празниците се секогаш убави кога ги поминуваме со семејството. Кога се потсетуваме на спомените од детството.
Токму затоа го одбравме месец декември и предновогодишниот период.
Објавете ги фотографиите (некогаш и сега) и задолжителниот текст:
#СетиСЕ на твоето детство! Најдете ја вашата фотографија од детството и обидете се да ја рекреирате сега. Ќе има многу радости, смеење и емоции, ветувам!
Запомнете го вашето безгрижно детство и станете СОС Пријател и помогнете и дечињата без родителска грижа да имаат убави сеќавања од детството!
И на крај номинирајте мин. 3 други луѓе кои исто така можат да помогнат.