Тип на донација
Сума

или

30 мај 2025

Иднината е нивна! Матурантите поддржани од СОС Детско село, гордост и мотивација

И оваа година, срцата ни се полни со огромна гордост! 12 млади поддржани од СОС Детско село, со успех го завршија средното образование и се подготвени за нови животни предизвици.

Нивниот успех е многу повеќе од оценки и дипломи – тој е вистинско сведоштво за нивната неверојатна сила, издржливост и непоколеблива вера. Секој од нив носи своја приказна, полна со тешки моменти и животни предизивици. Тие се доказ дека со вистинска љубов, поддршка и цврста верба во секој млад човек, нема ништо невозможно.

Горди сме што бевме дел од нивниот пат и што им помогнавме да ги остварат своите соништа.

“СОС Детско село не е само место каде што се згрижени младите без родителска грижа. Јас тука најдов вистински дом и поддршка во секоја област – од здравјето, преку образованието, па сè до емотивната стабилност. Мојата благодарност до СОС Детско село е неизмерна и доаѓа длабоко од мојата душа за сè што направија за мене. Но, посебно сакам да искажам огромна благодарност до мојата згрижувачка, која со својата исклучителна грижа и поддршка, беше секогаш тука за мене. Таа најмногу ме разбираше кога ми беше тешко и ми требаше разговор, и секогаш ми покажуваше како да се чувствувам сакано. Моите планови за во иднина се да се вработам, да си обезбедам место на живеење и да бидам успешна во мојот живот. “- вели Марина, матурантка поддржана од СОС Детско село

“Благодарение на поддршката од СОС Детско село јас израснав во личност со јасна цел и соништа. Денес, како матурант, знам дека иднината е пред мене и дека имам сигурност, знам дека моето СОС Детско село секогаш ќе ми биде потпора. Благодарам за секој миг, за секоја насмевка и за сите можности што ми го променија животот.”- вели Симона, матурантка поддржана од СОС Детско село.

„СОС Детско село ме промени од корен. Најпрво ми дадоа нешто што најмногу ми недостасуваше – љубов, сигурност и чувство на припадност. Бев згрижена во топол дом, во средина каде што се чувствував безбедно и поддржано. Благодарение на оваа грижа и на посветеноста на сите вработени, денес сум самостојна млада личност, подготвена храбро да чекори напред. Моите соништа сега се јасни – сакам да се вработам, да се доизградам како човек и да живеам според вредностите што СОС Детско село секојдневно ми ги всадуваше. Од срце – благодарам.“- Мила, матурантка поддржана од СОС Детско село.

„СОС Детско Село ме направи среќно дете. Тука првпат почувствував што значи некој да верува во мене, да ме охрабрува и да ми даде шанса да сонувам. Благодарение на нивната поддршка, денес јас имам сон – сакам еден ден да станам пејач, исто како мојот идол Таско. Верувам во себе, затоа што и тие веруваа во мене.“- Горан, матурант поддржан од СОС Детско село.

“Периодот во СОС Детско село ми беше еден од најубавите периоди во животот. Тука ги стекнав првите вистински пријателства, научив кои се правите семејни вредности во животот и како да се изградам во добра личност. Секој ден имав насмевка на лицето, благодарение на моите воспитувачи од мојата младинска. Секој проблем го решавав заедно со нив, секоја моја насмевка беше и нивна. Со нив научив да чекорам до моите соништа. Живеењето тука ме научи дека не е секогаш лошо  да се препуштите на луѓето што те сакаат и кои се причина за нашите насмевки. СОС Детско село е моето вистинско семејство. По моето излегување од грижа најважно ми е да се вработам, да најдам свој стан , да бидам одговорна личност и успешно да чекорам низ животот. Но, јас не се чувствувам загрижено, бидејќи знам дека и понатаму ќе ја имам поддршката од моето СОС семејство.“ – вели Џенета, матурантка поддржана од СОС Детско село.

„Искрено сакам да се заблагодарам на СОС Детско село за сè што направи за мене. Вашата поддршка беше светлина во најтешките моменти – тогаш кога ми беше најпотребна. Благодарение на вас, израснав во подобра личност, со јасна насока и цел во животот. Ми овозможивте не само сигурност и образование, туку и она највредното – љубов и чувство дека припаѓам. Вашата грижа и внимание ќе ги носам со себе секогаш, како потсетник дека никогаш не сум бил сам. Ви благодарам што верувавте во мене и ми помогнавте и јас да верувам во себе – на патот кон исполнување на мојот сон да станам професионален војник.“- вели Коста, матурант поддржан од СОС Детско село.

 

*Поради заштита на лични податоци имињата се променети.