Тип на донација
Сума

или

pride obuka

8 јули 2020

Грижата за деца како професија

Уште една успешно завршена ПРИДЕ обука за потенцијални згрижувачи

Водејќи се од “СОС Ветувањето за грижа” кое ја дефинира нашата посветеност кон обезбедување квалитетна грижа за секое дете кое е дел од нашите програми,  почнувајќи од 2014 година, активно работиме на унапредување на згрижувањето во нашата земја. Посветени сме на промовирање на клучните улоги на стручните лица за обезбедување грижа, негување на мотивацијата и посветеноста на оваа професија и секако, подигнување на развојот на вештините. Го правиме ова бидејќи сметаме дека децата имаат право на грижлива врска која е полна со доверба, со некој на кого тие можат да се потпрат секој ден.

pride obuka

На 29ти и 30ти јуни оваа година, во просториите на Ресурсниот центар Гази Баба, под водство на нашите сертифицирани ПРИДЕ обучувачи Јагода Насковска и Валентина Димовска, успешно се реализира уште една ПРИДЕ обука наменета за потенцијални згрижувачи.

Обуката ја следеа 11 учесници кои многу одговорно и посветено ѝ пристапија на обуката. И, покрај интензивната динамика, тие во текот на деветте сесии активно учествуваа во дискусиите, изнесувајќи свои лични искуства, мислења, коментари, прашања и можни предизвици, а особено интересен и значаен беше делот со вежби и споделување добри практики од секојдневието на згрижувачите.

pride obuka tabla

Ова се само дел од изјавите на досегашните учесници на обуката:

„Згрижувањето е повеќе од професија, тоа е мисија “-В.Ц

„Пред да дојдам на обуката, сакав да бидам згрижувач. Сега ЗНАМ дека сум направила добар избор за мене“ – О.М

„Долги година сум згрижувач, ама како сега да доживеав „аха освестување“ и благодарна сум за тоа“ – В.С

„Четири години сум згрижувач, тоа се најдобрите години во мојот живот“ Н.С

„Грижата и одговорноста за детето во згрижувачко семејство подразбира тимска работа и стручна, континуирана поддршка на згрижувачот. Токму затоа, во алтернативната грижа и програмата за зајакнување на семејството работиме заедно со згрижувачите, сé со цел да се осигуриме дека децата ќе добијат стабилен згрижувач, со соодветно знаење и вештини за создавање семејна атмосфера. Атмосфера која е полна со љубов, поддршка и ќе му овозможи на детето чувство на припадност и сигурност. Со постојано обучување, усовршување и советување се осигуруваме дека тие ќе се стекнат со соодветен збир од вештини, знаење и ставови.“- вели Валентина Димовска сертифициран ПРИДЕ обучувач во СОС Детско село.

„Наша обврска како обучувачи  е кај кандидатите да ги препознаеме потребните предиспозици за работа како згрижувач, а тоа се љубовта , емпатијата кон децата , желбата и мотивацијата да се грижат за децата , но исто така и низ обуката да ја подигнеме свеста кај кандидатите за потребите на децата и да поттикнеме развој на личните комптенции кај кандидатите за квалитетна грижа и успешно  справување со предизвиците во грижата за децата.

pride obuka razgovor

Вистинско задоволство кај обучувачите се постигнува  тогаш кога позитивната одлука на кандидатот соодвествува со позитивната проценка на неговите компетенциите од страна на обучувачите. Во тој момент сме сигурни дека системот добива квалитетен и обучен потенцијален згрижувач , кој е спремен  соодветно да одговори на потребите и предизвиците во грижата за децата , што воедно е и крајната цел на ПРИДЕ обуката” – изјави Јагода Насковска, сертифициран ПРИДЕ обучувач во СОС Детско село.

Згрижувањето бара знаење, чувствителност, флексибилност и огромна љубов. Задоволство беше да се води обука со личности кои ги краси хуманост, емпатичност, посветеност, силни капацитети за делење љубов и желба за стекнување на знаења.