За секое дете да расте со насмевка 😊
Семејството е основна клетка на секое општество – темелот врз кој се гради секој човечки живот. Тоа не е само заедница, туку првата и најважна средина за развој на детето. Во него детето го гради својот идентитет, учи како да сака, кому да верува и како да се справува со светот околу себе. Семејната љубов и стабилност се незаменливи во оформувањето на здрави, самоуверени и одговорни млади луѓе.
Кога тоа недостига, детето е изложено на сиромаштија, запоставување, емоционална нестабилност и маргинализација.
За жал, статистичките податоци покажуваат дека окулу 8000 деца во Македонија се во ризик. 1.029 деца се без родителска грижа, 3.994 деца живеат во заедници каде има брачни и семејни проблеми и уште 2.768 деца се во друг социјален ризик.
Овие бројки не се само статистика – тие претставуваат илјадници животи, илјадници детски срца кои чекаат поддршка, сигурност и шанса за подобра иднина.
Кога детето е лишено од чувство на припадност и безбедност, последиците се длабоки и долготрајни.
СОС Детско село од 2001 година посветено работи на остварување на мисијата НИТУ ЕДНО ДЕТЕ ДА НЕ РАСТЕ САМО.
Нашите програми се насочени кон поддршка на згрижувачките семејства, зајакнување на семејствата во ризик и економско осамостојување на младите од ранливи групи. За овие 24 години успеавме да го промениме животот на повеќе од 5000 деца и млади, овозможувајќи да растат во сигурна и грижлива семејна средина и да бидат самостојни и финансиски стабилни единки во нашето општество.
И тоа е наша примарна цел, без разлика дали тоа е во згрижувачките семејства или во услугите за зајакнување на биолошките семејства или поддршка на младите лица.
Оваа година е посебна – чекор до нашиот 25-годишен јубилеј.
По повод 15 мај – Меѓународниот ден на семејството, сакавме да направиме нешто ново и интересно , нешто што досега не било реализирано во Македонија.
СОС Детско село го организира првиот media takeover ден во нашата земја – уникатен настан во кој со поддршка на медиумите ќе го кренеме гласот и подигнеме свеста кај пошироката јавност за важноста на семејството во животот на секое дете, особено за децата без родителска грижа кои зад себе носат трауми, но пред себе, сè уште имаат надеж за иднина.
Да допреме до срцата и да поттикнеме заедничко дејствување – за секое дете да добие шанса за љубов и сигурна иднина.
Особена благодарност упатуваме до авторот Игор Атанасоски – Гуру Харе, кој заедно со 10 врвни македонски музички уметници:
Игор Џамбазов, Пере Нокаут, Сара Мејс, Дани Димитровска, Антонија Гиговска, Влатко Лозано, Тамара Тодевска, Мијата, Андријана Јаневска и Стефан од Некст Тајм – се приклучија на нашиот повик за љубов, поддршка и заедништво и ни подарија нешто волшебно убаво – емотивна, топла и искрена песна со наслов „Насмевка“, која ќе биде симболот на овој ден.
Изјава од Игор Атанасоски – Харе- автор на песната
“Сите работи се случуваат кога ќе им дојде вистинското време. Ни порано, ни подоцна. Токму сега дојде време за НАСМЕВКА, нешто драгоцено, и се поретко во секојдневието.
Главен иницијатор беше Илчо Бадаров, раководител на младинските куќи при СОС Детско село, кој на една наша кафе средба ми раскажа за негов пензиониран колега, кој додека работел засадил дрво, и кога денес ќе ја посети таа куќа, гледајќи го големото дрво, го гледа неговиот работен век и сите спомени од годините поминати со децата. Воден од желба да остави нешто зад себе, ми ја предложи идејата, и јас без двоумење ја прифатив. И како што веќе споменав, коцките почнаа да се редат.
СОС Детско село наскоро слави 25 годишен јубилеј, и тимот со задоволство даде зелено светло. За мене е големо задоволство да направам нешто општествено корисно, но и голем предизвик на професионален план, да направам убава песна, која ќе живее и ќе измами насмевка. Достојно на нивниот голем јубилеј, сакав да биде посебна. Затоа одлучив да ги поканам нашите ПОП Ѕвезди да учествуваат во песната. Сите без двоумење прифатија, и низ едно прекрасно дружење се роди НАСМЕВКА.
Додека ја создававме, беше наша песна, а од денес 15 мај, ќе биде подарок за сите вас, подарок од СОС Детско село за што повеќе насмевки на овој свет. “-
Изјава од Јулијана Гапо – Национална директорка на СОС Детско село
„Media Takeover Day“ на 15 Мај е само почеток на низа големи активности кои ќе бидат подготовка на нашиот 25-годишен јубилеј следната година.
Во периодот што следи, нашиот фокус е јасен – сакаме да продолжиме со проширување на нашите услуги и да придонесеме кон создавање системски решенија што ќе обезбедат долгорочна поддршка за децата и семејствата во ризик.
Во делот на згрижувањето, работиме на зголемување на бројот на згрижувачки семејства, како и на подобрување на поддршката што тие ја добиваат. Затоа веќе отворивме две нови подрачни канцеларии на Центарот за поддршка на згрижувачки семејства – во Кавадарци и Струмица – со што стануваме поблиски и подостапни за заедницата,
Во областа на зајакнување на семејствата, во план се нови советувалишта и центри за поддршка, и ја прошируваме промоцијата на програми за позитивно родителство. Особено важно за нас е што нашите вработени веќе се стекнаа со конкретни знаења и вештини за директна работа со жртви на семејно и родово базирано насилство, што значително ја зголемува квалитетот на поддршката што ја нудиме.
Поддршката за младите исто така продолжува со нови обуки, тренинзи и програми за подготовка за самостоен живот.
Сето ова го правиме со една цел – да изградиме општество каде секое дете, без исклучок, ќе има можност за безгрижно детство и светла иднина.
Нека оваа наша „Насмевка“ – симболично и реално – биде потсетник дека кога сме заедно, можеме да промениме животи на многу деца .“

