17 јули 2019
Нашите млади фудбалски надежи и оваа година, по традиционален седми пат, беа дел од Светскиот фудбалски куп во Варшава, Полска. Овој куп,за деца без родители и родителска грижа, е во организација на Hope for Mundial.
Нашата екипа беше дел од групата А заедно со екипите на Јордан, Босна и Херцеговина, Хрватска, Непал, Украина и Чешка.
Извојувавме три значајни победи против тимовите на Јордан, Босна и Херцеговина и Хрватска, силите ни беа изедначени на натпреварот со Непал, а оваа година екипите на Украина и Чешка беа подобри од нас. Иако малку недостигаше да обезбедиме пласман во четвртфиналето, презадоволни сме со освоеното трето место во нашата група и најдобриот пласман до сега.
Борбеноста и пожртвуваноста на нашите млади фудбалери беше препознаена од организаторите и еден од нашите играчи беше дел од “Celebrity” мечот во кој максимално придонесе и беше стрелец на еден гол, а имаше и една успешна асистенција.
Оваа година подготовките и патувањето на овој фудбалски куп беа овозможени благодарение на Фондацијата за деца на УЕФА, а се спроведуваа во рамките на проектот „Фудбалот е моќ“. Во соработка со Фудбалската федерација на Македонија ги вклучивме децата во спортско-рекреативни активности, со континуирана поддршка од професионалци / тренери кои постојано работат со нив. Проектот цели кон поттикнување и развој на спортскиот дух кај децата, а со тоа и промовирање на здрав начин на живот. Уште повеќе, фудбалот им овозможува да ги зајакнат сопствените капацитети, способности и вештини кои ќе придонесат за нивна самореализација.
Дружење, негување на вистинските вредности, фер плеј и почитување на различностите е она што го прави овој Мундијал поинаков од останатите спортски манифестации.
Фудбалерите се вратија полни импресии и нови пријателства со желба за уште повеќе тренинзи до следната година, за да бидат уште подобри.
Назад кон сите новости