6 ноември 2018
Во сабота, на 24ти, јануари во Скопје Сити Мол, во организација на Фондацијата Д-р Михаил Левенски се одржа едукативен забавен настан на кој специјални гости беа децата од СОС Детско село и почесниот конзул на Република Перу за Република Македонија – Ненад Јаничевиќ.
На овој настан, на за децата забавен начин, практично им се покажа како треба да се одржува хигиена на рацете. Пред влезот во кино салата во Сине Плекс, со поддршка на компаниите Минако – претставници на Кимберли Кларк Профешнал за Македонија и Естетик центарот Доктор Вајс, беше организирано миење на рацете со антисептик сапун и хартиени шамивчиња, по што на децата им беа делени пуканки, сокчиња и колачиња.
Докторката Весна Игњатовиќ која оваа година бележи 25 години од основање на компанијата Доктор Вајс со естетик центри во Белград, Ниш и Скопје, го истакна значењето на превенцијата и едукацијата на децата. Целта на овој настан е едукација, истакна доктор Весна и додаде дека децата од мали нозе треба да стекнат хигиенски навики но и да го негуваат својот дух со позитивни мисли.
Во салата пред почеток на проекцијата на филмот Мечето Педингтон, предавање за хигиена на рацете одржа доктор Венера Митревска – педијатар, со акцент на неопходноста за одржување хигиена на рацете на јавни места, при прошетки и посебно пред кино проекции каде најчесто се јадат пуканки. Доктор Венера им објасни на дечињата зошто треба да се мијат рацете и колку е тоа важно за нивното здравје, раскажувајќи им на разбирлив јазик за бактериите кои преку рацете може да се внесат во устата.
Пред почетокот на проекцијата децата добија и интересни информации за земјата Перу од каде потекнува Мечето Педингтон, кои на забавен и за нив близок начин им ги презентираше токму почесниот Конзул на Република Перу во Република Македонија, со поддршка на видео материјал за Перу.
Директорката на СОС Детско село Македонија – Јулијана Гапо, на овој настан, додели благодарница на Фондацијата Доктор Михаил Левенски во знак на благодарност за неколкугодишната соработка, а воедно и како благодарност до тимот на Фондацијата, кој на своите настани ги поканува секогаш и децата од СОС Детско село. Јулијана Гапо воедно ја нагласи важноста на вклучување на децата во активности од забавен и едукативен карактер каде можат да се дружат и запознаваат со други дечиња и да стекнуваат нови сознанија и нови пријателства.
Претседателката на Фондацијата Доктор Михаил Левенски – Камелија Левенска, обраќајќи се на над 100те присутни дечиња и родители во кино салата, се заблагодари на поддршката и учеството во настанот на почесниот Конзул на Препублика Перу во Република Македонија и на компаниите Минако и Естетик Центарот Доктор Вајс. Левенска го потенцираше значењето на поврзување на идеите, вољата и позитивните заложби во реализација на корисни активности за позитивни цели.
Оваа убава и невообичаена средба заврши со гледање на доживувањата на мечето Педингот, создадено пред 50 години од англискиот писател Мајкл Бонд, оживеано за големиот екран со помош на Интел технологијата.
Назад кон сите новости