Тип на донација
Сума

или

edno semejstvo sos detsko selo 2023

21 март 2024

Едно семејство, еден сон – грижа и топол дом за секое дете

Под мотото Топол дом и грижа за секое дете, вчера се одржа настанот ЕДНО СЕМЕЈСТВО, кој претставува  годишна церемонија за доделување признанија и изразување благодарност на најголемите донатори и поддржувачи на СОС Детско село.

Настанот кој традиционално веќе петта година по ред ја собира бизнис елитата во Македонија покажа дека освен успешни претприемачи овие компании се и големи филантропи со изразена општествена одговорност и светол пример во нашето општество кои несебично и посветено ја препознаваат и поддржуваат благородната кауза на СОС Детско село.

edno semejstvo sos detsko selo 2023

Во присуство на над 150 претставници на компании, донатори, поддржувачи посебна почест им беше оддадена на најголемите корпоративни донатори за 2023 година, Алкалоид, Макпетрол, Нептун, Гранит, д-р Игор Тулевски и на Влатко и Клер Андонов. „Првите три компании се наши т.н „кумови“ односно нивната донација е на ниво на годишните трошоци на една СОС куќичка во Детско село која згрижува 5 дечиња и СОС мајка и тетка. Гранит веќе три години по ред ги отстапува своите капацитети за летен одмор на нашите деца и младинци, а д-р Тулевски од Heart for Health е наш кардиолог кој живее и работи во Холандија, посветен донатор со срце кое го збира целиот свет и кој годинава донираше 20.000 евра за фотоволтаици што ќе бидат поставени на 3 објекти во СОС Детско село. Влатко и Клер Андонов се уште еден наш донатор од дијаспората. Влатко Андонов живее и работи повеќе од 40 години во Вашингтон, САД и до скоро раководеше со една од најуспешните гејмерски компании. Неговата инзвонредна донација за СОС Детско село ќе овозможи континуирана поддршка на повеќе згрижувачки семејства. Ова се посебни моменти на гордост и среќа, но и сигурност за посветла иднина кога знаете дека најголемите и по срце и душа ја препознаваат вашата благородна кауза и застануваат покрај вас. Токму затоа сме им неизмерно благодарни“ – објаснуваат од СОС Детско село

edno semejstvo sos detsko selo 2023

На ниво на најголеми донатори кои извршиле и најголем импакт во заедницата, односно го поттикнале индивидуалното донаторство минатата година се истакнале Веро маркети, ЈП Водовод и канализација и Донирај компјутер. Сите тие преку разни кампањи и активности инспирирале илјадници граѓани на Македонија да донираат индивидуално посветено или еднократно и со тоа да додадат хуманитарна вредност во своето работење, но и во животот на нивните клиенти/потрошувачи.

Во редот на компании кои минатата година дадоа значаен придонес и поддршка и овозможија реализација на многу програми и проекти на СОС Детско село се и компаниите Осигурување Македонија Виена Иншуренс груп, Пивара Скопје, Макпрогрес Виница, Млекара Битола, Флекс Кредит, како и Австриската Амбасада – организатор на популарниот хуманитарен настан Виенски бал.

Плакета за придонес и поддршка им беше доделена на нашите нови поддржувачи Стопанска Банка, АД МЕПСО, FirstFort Group, Витаминка Прилеп, Окта и Телеком за донации во средства и добра кои значително го подобрија квалитетот на животот на децата без родителска грижа.

Покровител на настанот и оваа година беше Сопругата на Претседателот на РСМ, г-ѓа Елизабета Ѓоргиевска која традиционално ја поддржува манифестацијата, препознавајќи ја благородноста на мисијата и визијата на СОС Детско село.

edno semejstvo sos detsko selo 2023

Почесни гости на настанот беа и претставниците на австриската амбасада кои покрај тоа што ја претставуваат матичната земја на патронот на СОС Детско село, SOS Kindersdorf International Austria, години наназад овозможуваат поддршка и вмрежување на компаниите со австриско потекло.

edno semejstvo sos detsko selo 2023

 

ЕДНО СЕМЕЈСТВО  годинава беше збогатено и со концептуална изложба на најважните активности, кампањи и проекти што ги сработија компаниите и СОС Детско село, а во чија изработка учествуваа и дечињата и младинците давајќи свој оригинален придонес кон благодарноста за компаниите кои ја препознаа потребата и одлучија да им помогнат на најранливите – децата без родители и родителска грижа.