Тип на донација
Сума

или

19 декември 2023

Донирај “зелени поени“ за СОС Детско село

Корисниците на вендинг машините на Пакомак отсега ќе можат да донираат „зелени поени“ за поддршка на СОС Детско село

 

Пакомак започнува хуманитарна иницијатива. Корисниците на вендинг машините за одложување на отпад отсега ќе можат да ги донираат собраните „зелени поени“ за СОС Детско село и да им помогнат на децата без родителска грижа да имаат посигурно и посреќно детство.

Средствата се собираат преку одложување на отпад во вендинг машините кои ги постави Пакомак и активирање на мобилната апликација Ecomak, која доделува поени во зависност од количината на отпад која ја одложува корисникот.
Со помош на собраните средства, ќе се покријат дел од трошоците за психо-педагошка поддршка како и логопедски дефектолошки третман за децата без родители поддржани од СОС Детско село.

Децата без родителска грижа со одделувањето од своето биолошко семејство доживуваат трауматски искуства и се соочуваат со предизвици да се адаптираат во новата семејна, училишна и социјална средина. Трауматските искуства се тесно поврзани со големиот број на загуби низ кои децата поминуваат во самиот процес на одвојување. За да се олесни нивниот развоен процес, честопати е потребно ангажирање на стручни лица кои ќе направат темелна процена на индивидуалните потреби на децата и ќе овозможат соодветна поддршка.

Преку донација за СОС Детско село, директно помагате на  многу деца без родителска грижа кои се поддржани од оваа организација.

Повратните вендинг машини претставуваат современа технологија која овозможува софистициран начин на собирање на отпадот. Тие служат како одложување на отпадот, но нудат и стимулација за населението да ги селектира пластичните шишиња и лименките, благодарение на нивниот систем за наградување на собирачот. Овие машини се синхронизирани со мобилната апликација Екомак, преку која се собираат наградните „зелени поени“, кои потоа можат да се искористат за купување ваучери и производи, а отсега и за поддршка на децата од СОС Детското село. Апликацијата е комплетно бесплатна и достапна за преземање за сите Apple и Android корисници.