Програмата за поддршка на згрижувачки семејства и развој на деца, поставена во населбата Ченто, преку својот мултидисциплинарен тим составен од социјални работници, психолози, педагози и административен и логистички тим, денес поддржува 14 СОС семејства и 67 деца без родители и родителска грижа. Секое семејство функционира со поддршка на еден згрижувач, или брачен пар згрижувачи, кои живеат во семејна куќа и обезбедуваат 24 часовна грижа за максимум 5 деца без родители и родителска грижа.
Преку поддршката која им се дава на згрижувачите се обезбедува здрава и сигурна средина за децата и им се овозможува топол дом, љубов и грижа, како и можност за правилен раст и развој.
Децата, исто така, се поддржани преку обезбедување на психо-социјална поддршка, едукативна поддршка, вклучување во спортски активности, културни манифестации, креативни работилници и екскурзии и летни кампови, за подобро да се интегрираат во заедницата и да го развијат својот максимален потенцијал. Исто така, особено се води грижа за нивните релации со биолошките родители, или блиски сродници и се овозможува континуитет во контактите и средбите со нив, доколку тоа позитивно влијае на развојот на детето.
Програмата на СОС Детско село опстојува и функционира во тесна соработка со други организации и партнери кои работат на полето на детска грижа и заштита, но клучни соработници и стратешки партнери се Министерството за труд и социјална политика, Заводот за социјални дејности и Центрите за социјална заштита, преку кои се врши приемот на деца. Во декември 2013 година Министерството за труд и социјална работа потпиша Меморандум за разбирање, со кој сите СОС родители се здобија со статус згрижувачи.
ЗГРИЖУВАЊЕ НА МЛАДИ БЕЗ РОДИТЕЛИ И РОДИТЕЛСКА ГРИЖА
Во моментов функционираат две Младински заедници, од кои едната е лоцирана во семејна куќа во населбата Радишани, а другата во населбата Бардовци, кои имаат капацитет за згрижување до 14 младинци, односно вкупно 28. Младинските заедници се модел на згрижување, согласно СОС концептот, кој претставува следен чекор по згрижувањето во згрижувачкото семејство. Согласно потребите и предизвиците на младинците се носи одлука дали и кои младинци ќе преминат во Младинска заедница, на возраст која одговара на нивниот интелектуален развој. Во рамките на оваа програма младите се одговорни за распределба на нивните месечни буџети, раководење на домаќинството, грижа за сопствената хигиена, но приоритет се става на нивното образование, како и носење на правилна одлука за нивната иднина, избор на професија, факултет, или доквалификација доколку е потребна. Сето ова младинците го прават со помош и советување од стана на стручни соработници кои им овозможуваат 24 часовна грижа и им даваат поддршка да се осамостојат.
ПОДДРШКА НА МЛАДИ БЕЗ РОДИТЕЛИ И РОДИТЕЛСКА ГРИЖА НАД 18 ГОДИНИ
Во текот на своето долгогодишно функционирање, растејќи и созревајќи, научивме дека на младите без родители и родителска грижа, како и на младите во разни социјални ризици, им е потребна помош во осамостојувањето и тоа во: домување, вклучување во пазарот на труд, поддршка за стекнување на нови професионални и „меки“ вештини, за побрзо и полесно да се интегрираат во заедницата. Преку повеќегодишната програма за полунезависно живеење, која функционира од 2009 година ги поддржуваме младите без родители и родителска грижа, при доквалификација, дооформување на средното образование, поддршка за избор на високообразовна установа и студирање, домување и поддршка за вработување во бизнис секторот, но и преку актуелните мерки на државата. До сега, преку оваа програма имаме поддржано 31 млад човек од кои 13 се вработени и осамостоени, 19 се студенти, 3 го довршуваат средното образование, а 4 бараат работа на пазарот на трудот.
Контактирајте не:
СОС ДЕТСКО СЕЛО СКОПЈЕ
ул. Финска 131, 1000 Скопје
тел. +389 (0)2 2535 010
mail: selo@sos.org.mk
СОС ПРОГРАМА ЗА МЛАДИ -РАДИШАНИ
Ул. Бутелска 6/8
тел +389(0)2 2670087
mail: selo@sos.org.mk
СОС ПРОГРАМА ЗА МЛАДИ-БАРДОВЦИ
Ул. 6 Бр.25
Тел. +389(0)2 3094661
mail: selo@sos.org.mk