3 мај 2023
Дали знаете дека бисерот настанува од болка?
Тогаш кога во школката ќе навлезе некое камче, тоа ја повредува и ѝ предизвикува силна болка. Како одбрана, школката почнува да лачи седеф.
Потребни се многу години да се создаде седефна обвивка за болката да престане, а во исто време да се создаде нешто толку прекрасно и посебно.
Лена научила што е болка уште многу малечка. Растена повеќе на улица отколку дома, често пати заспивала гладна без никој да ја покрие и бакне за добра ноќ.
Наместо да учи песнички во градинка, да добива петки на рачето и силни гушкања од мама, Лена растела без верба и надеж дека некој некогаш ќе ја гушне и ќе ѝ посака добра ноќ.
Приказната за бисерот е всушност приказна за Лена и сите други деца кои прерано во животот се соочиле со голема болка, но излегле похрабри и поистрајни.
Во СОС Детско село Лена ја доби грижата и љубовта која неизмерно и беше потребна. Нејзината СОС мајка Искра со многу љубов и трпение ѝ покажа што значи да биде сакана, како да стане после секое паѓање, но и дека болката не смее засекогаш да остане во нејзиното срце.
Како што седефот на школката се обвиткува околу камчето и создава бисер, така и родителската љубов и грижа со која се обвиткани децата во СОС Детско село прават нивната болка да се намали и тие да израснат во најпрекрасни бисерчиња.
Бисери на кои сме горди и за кои сме сигурни дека ќе продолжат во животот со крената глава и со многу успеси.
Драги пријатели, Ви благодариме ако и овој пат ДОНИРАТЕ и помогнете заедно да направиме МНОГУ за децата без родителска грижа.
Назад кон сите новости