20 мај 2024
Нашата приказна како станавме згрижувачи, беше повеќе од чиста случајност. Сѐ се случи некако судбински….
По долги години чекање и преголема желба да имаме дете, сѐ започна на 1ви јуни кога имаше настан за промоција на згрижувањето на Градскиот плоштад каде со сопругот отидовме за да го посетиме настанот, со надеж дека ќе ги видиме дечињата.
Настанот го доживеав многу емотивно… се видовме со некои од вработените во СОС Детско село со кои поразговаравме. Ги прашавме што е во суштина згрижувањето?! Ние бевме информирани за посвојувањето, имавме веќе поднесено барање и бевме во исчекување… Тие љубезно ни одговорија дека згрижувањето е многу различно од посвојувањето за што ќе нѐ запознаат на средба која ја договоривме по неколку дена. Како што ни беше ветено, по само неколку дена дојдовме во СОС Детско село. На почетокот воопшто немавме намера да станеме згрижувачи, но сепак си рековме: „ ајде да се дадеме шанса“. Таа прва средба и разговор, помина во многу пријатна атмосфера. Се охрабривме… да се вклучиме во воведната обуката за згрижувачи, која само што беше отпочнала…но, морам да признам на почетокот бевме со многу резерва.
Обуката беше едно прекрасно и возбудливо патување, како да ми се отворија нови „прозорци“… почнав сосема поинаку да го доживувам згрижувањето, сега од позиција на детето на кое му е потребна грижа и ми се јави силна желба да овозможам грижа на барем едно дете кои ја изгубило родителската грижа. По некое време дојде и тој ден. Згриживме прекрасно детенце. Искрено почетокот не беше лесен. Пред сѐ стравував дали ќе бидам добар згрижувач?! Желбата беше преголема, но дали сум јас достојна на таа задача?! Се прашував???
Поврзувањето со згрижното дете беше взаемно и се случи веднаш. Беше прекрасно да го почнуваш и завршуваш денот со неговата насмевка и силна потреба да биде сакано и прифатено. Потоа, ни се јавија за сместување на уште едно дете. Па во еден период бевме со две дечиња и ни беше преубаво.
Но, дојде моментот кога едното детенце требаше да се врати во своето семејство. Чувствата беа измешани, тажна од една страна, но истовремено и среќна за детенцето бидејќи сфатив дека не сум себична…научив дека најдобро е за детето да си расте во своето семејство. Сега сме со едно детенце со кое си изградивме прекрасен однос. Се зближивме многу, домот ни е секогаш весел …животот ни е сменат на поубаво и би сакале секогаш да е така. Затоа што дали е биолошко дете, посвоено или згрижено не постои разлика ако љубовата е голема.
Згрижувач: Јасмина Коцева – Ѓорѓиевска
Назад кон сите новости