13 јануари 2023
Измината година во Советувалиштата на СОС Детско село, во општина Шуто Оризари и општина Гази Баба се реализираа два циклуса на групни советувања за „Јакнење на семејства“, со семејства во социјален ризик. На крајот на месец декември завршивме со шеста сесија, а циклусите продолжуваат со својата динамика и на почетокот на 2023 година.
Горди сме што активно учествуваа 23 семејства од двете советувалишта. На завршната средба, која има за цел прослава и „дипломирање“, организиравме прослава на која на родителите и децата учесници им беа доделени потврди за редовно и активно учество, а најредовното семејство го наградивме со ваучер за викенд патување.
Во текот на сесиите сите почувствувавме различни емоции – радост, тага, збунетост… Но, на последната сесија сите бевме облеани во солзи од личното сведоштво на Јасмина, мајка на три деца. Ова се нејзините изјави: „Чувствував блискост и безбедна средина да споделам проблем, да бидам слушната и разбрана, а тоа не можев да го направам дури ни со својата родена мајка“, „Само тука почуствував дека некој го вреднува мајчинството, односно тоа што секојдневно го правам “, „Секогаш тука ми било многу убаво и никогаш не сум почувствувала дека не сакам да дојдам“
Семејствата учесници се претставија себеси преку различни креативни изведби (музички точки, цртежи, кулинарски вештини, изработка на новогодишни украси). Се поздравивме со взаемна благодарност за заедничката дружба и со убави желби за новата година.
Назад кон сите новости