Тип на донација
Сума

или

28 ноември 2024

“Да ги направиме социјалните услуги достапни во заедницата” – Отворање на Подрачното одделение на Центарот за поддршка на згрижувачки семејства на СОС Детско село во Струмица

Вчерашното отворање на новото Подрачно одделение на Центарот за поддршка на згрижувачки семејства во Струмица е значаен чекор во мисијата на СОС Детско село за обезбедување грижа, љубов и сигурност за секое дете без родители и родителска грижа. Оваа канцеларија ќе биде клучна за подобрување на достапноста на услугите за згрижувачките семејства во Југоисточниот регион.

На свеченото отворање, Националната директорка на СОС Детско село, Јулијана Гапо, ја нагласи важноста на оваа иницијатива:
Ова не е само простор за обезбедување услуги – ова е место каде што згрижувачките семејства ќе добиваат поддршка, а децата ќе можат да растат во средина исполнета со љубов, грижа и стабилност. Во моментот, преку нашиот Центар за поддршка на згрижувачки семејства во Струмица поддржуваме 25 згрижувачки семејства, од кои 11 се општи, со 9 сместени деца, и 14 роднински, кои се грижат за 18 деца. Иако ова се значајни бројки, вистината е дека сè уште има многу деца кои чекаат да најдат дом исполнет со љубов и сигурност.

Затоа, нашата заложба е јасна – да ја прошириме мрежата на згрижувачки семејства и да обезбедиме дека ниту едно дете нема да расте само. Но, не станува збор само за бројки – туку за создавање на заедница во која секое дете ќе има можност за безбедно детство и иднина. Истовремено, работиме и на развој на нови услуги кои ќе ја поддржат оваа визија. Програми за млади кои ја напуштаат грижата, советодавни услуги за семејства, и специјализирани услуги за деца со посебни потреби се само дел од плановите кои ги реализираме.

Со ова, правиме уште еден чекор кон нашата заложба а тоа е: ниту едно дете да не остане само. Благодарност до Општина Струмица за поддршката што го направи ова можно.

Градоначалникот на Струмица, г-дин Костадин Костадинов, ја истакна заложбата на општината за развој на социјалните услуги:
„Зборовите „дом“ и „семејство“ се едни од најтоплите зборови во сечиј вокабулар, зборови кои имаат непроценливо значење. Постои своевидна симбиоза помеѓу нив, нераскинлива врска која се подразбира, или барем треба да се подразбира. Дом и семејство му се потребни на секој од нас, а особено на децата кои растејќи сонуваат разни соништа за убава иднина. Таа иднина тие ја заслужуваат. За жал, постојат деца кои, ни криви ни должни,  се без родителска грижа, без можност да сонуваат убави соништа, во услови кога тие соништа за иднината им се ускратени од јавето на сегашноста. За среќа, постои Центарот за поддршка на згрижувачки семејства СОС Детско Село, кој постојано презема низа грижливи  ангажмани за развивање на мрежа на згрижувачки семејства низ целата држава, па така и во југо-источниот регион и во нашата општина.  Ние, како Општина Струмица сме подадена рака на Центарот за поддршка на згрижувачки семејства, и така ќе продолжиме и во наредниот период“.

Оливера, згрижувачка со децениско искуство, го сподели своето сведоштво:

“Моето патување започна пред 10 години како општ згрижувач, а денес сум насочена кон обезбедување повремено згрижување на деца и бебиња без родители, сè до нивното посвојување. Во моментот, во мојот дом се згрижени две деца. Низ овие години, сфатив дека нашата улога како згрижувачи е многу повеќе од обезбедување моментална љубов, сигурност и безбедност за децата. Тоа е поддршка на еден поголем систем, чија цел е изнаоѓање трајни решенија за секое дете.  Трајноста за нас како згрижувачи е љубовта и заштитата која сме ја дале во времето кога тоа било најпотребно. Гордa сум на моите успеси и секојдневно се трудам да помагам и да придонесувам.

За мене, згрижувањето е една од најзначајните услуги во системот на социјална заштита. Ќе бидам исполнета ако ја видам мрежата на згрижувачи како расте во нашата држава, со цел ниту едно дете да не расте само.“

Силвана, сега веќе возрасна жена, која пораснала како дете без родителска грижа во СОС Детско село, зборуваше за своето искуство:

“Денес сум вработена, исполнета, задоволна од мојот живот. Сведок сум на различни времиња и трансформации на системот на социјална работа. Не само што сум ги видела, туку и сум ги искусила. Сум живеела во големи институции и во мало семејно опкружување.  Од моја перспектива сакам  да ве уверам дека вистина, за сите деца кои не можат да растат со своите родители најдобро алтернативно згрижување е токму згрижувачкото семејство. Со добра волја прифаќам секогаш да бидам дел од настани каде се обидувам со мојот личен пример да ја демистифицирам приказната за децата без родители. Тие деца се исти како и сите други, им треба љубов, почит, сигурност и заштита и само во тие околности можат да го исполнат целиот свој потенцијал, да бидат најдобрите верзии од себе кога ќе пораснат. Апелирам да се направат услови да се развива згрижувањето, како најдобро место за раст и развој, тогаш кога нема да биде безбедно децата да растат со своите родители.

Затоа ве поттикнувам да се вклучите во оваа мисија и да направите и вие промена, ако не сте во можност да згрижите, придонесете да допреме до оние кои можеби можат. И тоа е значајно.“

Со отворањето на оваа канцеларија, СОС Детско село продолжува да ја реализира својата мисија – да ги направи социјалните услуги достапни за секое семејство и дете што има потреба. Заедничките напори на локалната заедница, општините и СОС Детско село се доказ дека можеме да создадеме свет каде секое дете ќе има шанса за среќно и сигурно детство.