Херман Гмајнер е основачот на СОС Детски села, по Втората светска војна, во 1949 година кога првото СОС Детско село било изградено во Имст, Австрија. Неговата цел била децата, кои поради војната ги загубиле своите семејства, да израснат во топла семејна средина, опкружени со љубов и сигурност. Првата изградена куќа во селото го носи името „Куќа на мирот“
Кога надлежниот Центар за социјална работа ќе утврди дека условите во кои детето во рамките на своето семејство расте не се во негов најдобар интерес и дека во такви услови не се почитуваат правата на детето, или пак кога родителите на детето не се живи, центарот донесува одлука за згрижување на детето во алтернативен облик на грижа - СОС згрижувачко семејство.
Одлуката дали детето ќе биде згрижено во СОС згрижувачко семејство ја носи надлежниот Центар за социјална работа во соработка со СОС Детско село.
За децата се грижат лиценцирани згрижувачи кои поминуваат сеопфатна тренинг програма по меѓународната PRIDE методологија за згрижувачи, и имаат постојана тековна поддршка за време на грижата, од стручен тим на професионалци- психолози, педагози, социјални работници, логопеди, дефектолози итн.
Бидејќи законски старатели на децата кои растат во СОС згрижувачките семејства се центрите за социјална работа, тие се исто така задолжени за одлуката каква грижа е во најдобар интерес на секое поединечно дете. Доколку сте заинтересирани за посвојување, Ве молиме контактирајте го Центарот за социјална работа во Вашата општина.
Од 2007 година овозможуваме поддршка на деца кои се во ризик да ја изгубат грижата од своите биолошки семејства кои живеат во социјален ризик. Програмата за социјална превенција се реализира преку- „Советодавни центри за родители и деца“ кои функционираат во општините Шуто Оризари и Гази Баба. Целта на советодавните центри е да ги зајакнат капацитетите на семејствата за квалитетна грижа и заштита на своите деца и да пружаат интервентна поддршка за децата и родителите во криза.
Поддржувајќи нè, Вие ни овозможувате да обезбедиме најквалитетна грижа за децата, тие да растат во топол дом, опкружени со родителска љубов и поддршка. Вие ни помагате да ги поттикнеме слободно да ги развиваат своите капацитети, да ги подготвиме за предизвиците кои со себе ги носи животот, и да им овозможиме да станат успешни млади луѓе кои активно придонесуваат во нашето општество. Прочитајте повеќе овде: https://bit.ly/2Q5TmdC
Понекогаш родителите не можат сами да се грижат за своите деца, понекогаш децата ги губат своите родители или воопшто никогаш не добиваат можност да ги запознаат - тоа се децата на кои им треба Вашата поддршка. Секој ден. Со Вашата поддршка заедно ќе обезбедиме квалитетна долгорочна грижа за близу 300 деца од Република Македонија. Во интерес на децата чија грижа ни е доверена, ние се обврзуваме дека сите добиени финансиски и материјални средства ќе ги користиме правилно, одговорно и транспарентно. Нашите стандарди и политики детално ги пропишуваат како квалитетот во грижата за децата, така и начинот на трошење на средствата. Во таа насока, особено водиме сметка нашето работење да биде финансиски транспарентно, и редовно спроведуваме интерни и екстерни финансиски контроли.