Тип на донација
Сума

или

Велигденска авантура

Денес беше Велигден, и беше толку магичен ден!
Ден полн со радост и возбуда, токму затоа сакам да ги споделам сите емоции што ги почувствував и да раскажам што се случи.

Првото нешто наутро, се разбудив и истрчав долу во дневната соба. Мама Наташа вчера ни кажа дека ни спрема интересно изненадување, па сега срцето ми трепереше од исчекување.
На масата во дневната соба стоеше писменце. “Следи ги чоколадните шарени јајца“ – пишуваше во него.
Почнав да ги следам, кикотејќи се со секое ново откритие. Дневната соба беше претворена во мапа за лов на богатство, а трагата водеше дури и во дворот. Се чувствував како вистински авантурист кој бара скриени богатства.


Кога ги најдов сите јајца, мојата корпа беше преполна со чоколадна “богатство“. Едвај чекав да се препуштам на вкусните задоволства! Авантурата и радоста беше прекрасна и уживав во секој момент.

Но, Велигден не е само за чоколадните јајца.
Попладнето сите се собравме на посебен празничен семеен ручек. Масата беше украсена со прекрасни украси, а во централниот дел имаше голема чинија со шарени Велигденски јајца и една мала бубамара во средина.
Ги споделивме нашите приказни и смеа за авантурата која ни ја подготви мама Наташа, а моето срце се чувствуваше полно бидејќи бев опкружена со моите најблиски. Ова ме потсети колку е важно семејството и колку сум благодарна што ги имам во мојот живот.

И сега, додека се подготвувам да спијам, размислувам за денот. Срцето ми е преплавено од среќа. Велигден е ден на љубовта, семејството и да, на малите чоколадни јајца 😊

„Децата се нашите бисери“

Дали знаете дека бисерот настанува од болка?

Тогаш кога во школката ќе навлезе некое камче, тоа ја повредува и ѝ предизвикува силна болка. Како одбрана, школката почнува да лачи седеф.

Потребни се многу години да се создаде седефна обвивка за болката да престане, а во исто време да се создаде нешто толку прекрасно и посебно.

 

Лена научила што е болка уште многу малечка. Растена повеќе на улица отколку дома, често пати заспивала гладна без никој да ја покрие и бакне за добра ноќ.

Наместо да учи песнички во градинка, да добива петки на рачето и силни гушкања од мама, Лена растела без верба и надеж дека некој некогаш ќе ја гушне и ќе ѝ посака добра ноќ.

Приказната за бисерот е всушност приказна за Лена и сите други деца кои прерано во животот се соочиле со голема болка, но излегле похрабри и поистрајни.

 

Во СОС Детско село Лена ја доби грижата и љубовта која неизмерно и беше потребна. Нејзината СОС мајка Искра со многу љубов и трпение ѝ покажа што значи да биде сакана, како да стане после секое паѓање, но и дека болката не смее засекогаш да остане во нејзиното срце.

Како што седефот на школката се обвиткува околу камчето и создава бисер, така и родителската љубов и грижа со која се обвиткани децата во СОС Детско село прават нивната болка да се намали и тие да израснат во најпрекрасни бисерчиња.

Бисери на кои сме горди и за кои сме сигурни дека ќе продолжат во животот со крената глава и со многу успеси.

 

Драги пријатели, Ви благодариме ако и овој пат ДОНИРАТЕ и помогнете заедно да направиме МНОГУ за децата без родителска грижа.

ДОНИРАЈ СЕГА

За жал некои деца се Без училиште, без пријатели, без иднина!

Запознајете ја Марија, таа има 9 години.
Таа на свои 6 години не тргна на училиште. Сиромаштијата во нивното семејство ги промени овие правила.
До неодамна таа живеше со своите помали брат и сестра и болната мајка. Марија мораше да се грижи за нив. Поради тоа, таа немаше “време” да оди на училиште, да учи и едноставно да биде дете. Наместо да научи стихотворба, Марија научи како да го дели лебот за да има за два дена.
“Многу е тешко кога сите другарчиња одат во училиште, а ти не! Не ги знаеш буквите, не ги знаеш песничките кои се учат во училиште. Остануваш сам, немаш пријатели!“- вели Марија.
Марија го имаше својот прв училишен ден лани, на 8 години, кога дојде во СОС Детско село.

Откако Марија е во СОС Детско село, таа е како сите други деца и оди на училиште…но и треба помош за да може да ги стигне лекциите и своите врсници.
Патот за совладување на едукативниот материјал на децата без родители и родителска грижа, е навистина тежок. Истовремено ги надминуваат траумите од минатото и се обидуваат да учат. Тие се едукативно запоставени, без основни предзнаења за вклучување во едукативниот процес. Многу често имаат проблем со учењето, немаат концентрација и брзо го забораваат материјалот, токму поради тоа неопходна им е дополнителна едукативна поддршка и ангажирање на соодветни стручни лица.

Мамо, готово, ја прочитав и оваа книга.

Многу чудно, како една книга може лесно да те понесе во светот на фантазијата“ – полна со радост и воодушевување раскажува Елена. „Само сега не знам дали оваа или претходната да ми биде омилена?“
Но, Елена не ги сакаше книгите отсекогаш. Таа дури не ни знаеше убаво да чита, и сето тоа и изгледаше премногу комплицирано. Пред да започне да живее во СОС Детско село, не посетувала училиште неколку години. Покрај едукативната запоставеност, лесно воочлив беше и стравот и недовербата кон непознатите. Благодарение на поддршката и безусловната љубов од нејзината мама Горде, таа почна храбро да чекори напред.

По доаѓањето во СОС Детско село, на Елена покрај редовното училиште веднаш и беше обезбедена дополнителна едукативна поддршка. „Таа е добра и вредна ученичка, и со големо внимание и многу труд ги решава сите зададени задачи“- со гордост раскажува нејзината наставничка.
За само две години, успеа да го совлада пропуштеното. Оваа година Елена повторно ќе се врати во училиште во одделение со нејзини врсници.
“Има многу промени кај Елена откако е во СОС Детско село. Таа сега е темпераментно, активно и весело девојче. Да бидам искрена, таа е пример за убаво воспитана ќерка“ – гордо раскажува нејзината СОС мајка Гордана.

Бунтовник, но со причина!

Уште од мала сум бунтовник, но не без причина. Веројатно долго време полицијата ќе памети едно мало девојче кое пријавуваше семејни немири. Мајка ми му побегнала на татко ми, а очувот, кој ја однесе во едно село со неколку куќи, не нè сакаше мене и моите браќа, а таа беше безгласна… Семејството не функционираше, и по неколку пати бегање од дома се најдов во институциите кои се грижат за деца без родители, деца од дисфункционални семејства, деца со проблеми. Мојот проблем беше голем, но мојата мисла беше уште поголема – како да ги спасам и браќата.
Со Иван, Никола и Влатко навистина станавме „Марија и тројцата мускетари“. Се грижев за нив, колку можев тоа да го правам како дете. Но, некако и ме слушаа. Им бев свеста и совеста. Бев на прагот да потклекнам во животот, од одличен ученик изгубив интерес за учење, училиштето не ми беше предизвик, не верував во себе, не верував дека можам.

Љубовта ги лекува сите рани
Братот на Марија, Иван, пред 15 години стана првото дете згрижено во СОС Детско село. По него следеа и Влатко, Никола и Марија. За нив се грижеше СОС мајката Бојана. Бојана се сеќава дека на почетокот, Марија како најголема била многу уплашена и во неизвесност што ќе се случи, што ќе биде со нив. Бојана со месеци секое утро се будеше малку порано за да и се посвети на Марија, да ја охрабри. Секој пат кога Марија ќе направеше нешто добро, без разлика дали тоа било на училиште или пак дома Бојана и зборуваше колку е среќна и горда на неа „Ти си паметна и прекрасна девојка и јас многу те сакам.“- и велеше Бојана.
Сиот труд на Бојана и стручниот тим од психолози и педагози во селото се исплатеа. Марија набргу се ослободи од стравовите, стекна самодоверба и се чувствуваше сигурна, сигурна дека некој стои зад неа и дека во секој момент има на кого да се потпре за поддршка.

Посветеноста и поддршката создаваат можности
„Во СОС Детско село бев „принудена“ да ги поправам оценките, бев охрабрена да сфатам дека можам и дека вредам. Со мене се работеше посветено и тимот во СОС Детско село веруваше во мене дури и кога јас самата не верував во себе“—денес со нескриена радост зборува Марија. Се запишав на факултет, а добив и стипендија од ФОН Универзитетот која
ја оправдав, како еден од најдобрите студенти во генерација. Додека студирав и работев, она што ќе најдам, затоа што во СОС Детско село беше многу важно да создадам работни навики и да се подготвам за иднината. И денес сум им неизмерно благодарна за тоа.
Се чувствувам остварено, вели Марија. Благодарение на СОС Детско село, растев заедно со моите браќа, се запишав на факултет, а подоцна завршив и магистерски студии.
Денес работам во МНР, и сум исполнета. Ја напуштив грижата на Детско село со крената глава, подготвена на сите предизвици кои ги носи животот. Благодарна сум што сите беа покрај мене во сите тешки моменти, што не се откажаa од мене и што постојано ме туркаа напред, кон успехот. Ако за момент сум се прашувала зошто овие луѓе се толку упорни и ми помагаат, ми стана јасно кога им ги видов насолзените очи во моментот на дипломирањето.
Можностите, кои за мене ги создаде СОС Детско село, јас ги зграпчив, ги држам цврсто, за себе и за моите браќа. Јас како најстара ќе ги туркам да успеат, тие се моите тројца мускетари.

Сè ќе биде во ред. Сега си дома!

Се викам Ангела.
Имав 7 години кога дојдов да живеам во куќата на мама Мира во СОС Детско село. Не памтам многу, знам само дека беше почеток на април, Велигден. Уште еден празник каде семејствата се заедно. Среќни и безгрижни сеќавања, толку важни за секое дете. За жал, не и за мене. Мене празниците ме потсетуваа на тага и осаменост.
Памтам дека влегов во куќата исплашена и збунета. Мама Мира ми подаде топлинки. Рече дека ги купила за мене. Ме збуни дека дотогаш немав топлинки.

Внатре имаше три деца, разиграни и насмеани. Кога ме видоа се стрчаа да ме гушнат. Уште бев исплашена и збунета, ама веќе не толку многу.
Мама Мира вадеше чинии и прибор. Децата ги носеа на масата и ги редеа. Цело време се смееја и си потпевнуваа некоја песна.
Седев на еден крај од каучот во дневната настрана од сета оваа семејна „гужва“, смеа, врева – која ми се чинеше дека е некоја серија од телевизија.
По кратко време, ја осетив раката на мама Мира како ме гали по косата. Ми рече: „Ајде Ангела, дојди да ручаме“. Се збунив и се трудев да не се расплачам. Тогаш мама Мира ме гушна, ме бакна по косата и ми шепна: „Сè ќе биде во ред. Сега си дома.“
Денес имам 24 години. Сопруга сум и мајка на едногодишен син… Правам сè мојот син да расте со истите љубов и топлина кои ги имав во моето семејство со мама Мира, со Неда, со Јасмин и другите деца.
Велигденскиот ручек кај мама Мира во СОС Детско село и денес ни остана традиција. Сите сме заедно на празникот како едно големо среќно семејство.
Да ми кажевте дека тоа збунето, исплашено седумгодишно девојче еден ден ќе има ваква семејна среќа, искрена да бидам, немаше да ви верувам.

Дворот на СОС Детско село блесна со својот празничен изглед

Радоста на празниците и празничната магија во СОС Детско село започна да се чувствува уште на почетокот на месец декември. Со нетрпение и голема желба почнаа подготовките.
Вредните рачиња на децата, секако со “мала“ помош на чичко Трајан и батко Љупчо за момент овозможија дворот да се облече во преубаво новогодишно руво.
“Јас ќе ја накитам оваа елка, доволно сум висока за да стасам да ја закачам ѕвездата на врвот!“- на цел глас извикуваше малата Ангела, среќна и задоволна дека пораснала во висина и оваа година ќе успее сама да ја накити елката во дворот на СОС Детско село.
Сега со нетрпение ги очекуваме и првите снегулки кои како вистински украси ќе дадат преубав и посебен зимски изглед.

Погледнете ја подолу во галеријата на фотографии целата атмосфера.

 

Среќни сеќавања за секое дете

Цеце на свои осум години е згрижена во СОС Детско село и детството го поминува со згрижувачката Наташа.
„Некои врски со луѓето ги добиваме со раѓање, а некои пак ги добиваме низ животот како подарок. Тие се големи и нераскинливи, водени од емоции и љубов.“ – вели Цеце.
„Да ме прашавте пред многу години, мојата единствена новогодишна желба беше да имам семејство и некој кој ме сака. И тоа го добив, мојот животен подарок и моето семејство е мојата згрижувачка – мајка Наташа.
Од првиот ден кога ме фати за рака, Мајка, ми дава безусловна љубов и поддршка. Еве и сега, на мои 25 години, таа е тука за мене. Мајка секогаш ме охрабрува да бидам силна, неизмерно ми веруваше и ми верува. Таа нејзина поддршка ме изгради низ животот и денес сум самостојна млада личност благодарејќи на неа.“

Цеце денес со радост ги гледа сликите од старите албуми и со задоволство СЕ СЕЌАВА на своето детство поминато во
СОС Детско село.

Осветлете ја иднината на децата без родители!

“Ужасно студено беше надвор, снегот паѓаше без престан во глувата ноќ. А беше Нова година.

Снегулките паѓаа врз нејзината долга косичка. А таа осамена гледаше во прозорците од кои излегуваше светлината на новогодишните свеќички.

Почна да станува многу студено. Таа извлече едно дрвце од малото кутивче и го запали.

За момент се најде до новогодишната елка, која блескаше во светлината на илјадниците свеќички. Светлоста одеше нагоре, нагоре високо се дури до небото.

Погледна и ги виде ѕвездите на небото. Падна ѕвезда.

“Треба да си замислам желба.“- си помисли таа.  “Сакам само да не сум сама, сакам да имам семејство и да си бидам дома на топло сега, заедно со нив.“- прошепоте тивко.“

Многу од нас ја знаат една од најемотивните приказни од детството, приказната за “Девојчето со кибритчињата.“ од Ханс Кристијан Андерсен. Приказната за студената зимска ноќ. Оваа приказна секогаш успева да ни ги насолзи очите, но и да не потсети на вистинските, значајни вредности во животот. Семејството!

За жал за некои деца ова не е само приказна. Ова е реалност за децата без мајка, без татко. Без грижа. И без љубов.

Со ваша помош СОС Детско село веќе 20 години им дава втора шанса на децата без родителска грижа, обезбедувајќи им топол дом исполнет со љубов, и можност да имаат среќно и безбедно детство.

Мојата шанса беше моето учење

Моето име е Јован и потекнувам од источниот дел од нашата земја.

Со ова би можел да го заокружам моето претставување доколку на своја 4 годишна возраст не пристигнав во СОС Детско село. Сега знам што значи да се има втора шанса во животот.

Првата песна ја напишав за мама Бојана
Пораснав во семејството на СОС мама Бојана, со многу деца и бев опкружен со љубов и внимание. Мојата мама Бојана ме водеше низ првите чекори, ме научи на првите зборови, но и на многу животни правила според кои сè уште се водам.
Малкумина деца без родители имаат сила и моќ да преминат преку осамениот период, но и да се ослободат од тоа лошо чувство. Многумина не го наоѓаат ни најскромниот извор на поддршка што им е потребен за да се ослободат од осаменоста и тагата или загубата.

Мојата шанса беше моето учење

9-то одделение го завршив со втора награда на државниот натпревар по математика.
Сега сум дипломиран на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство. Почнав да работам од мал, и за мене секоја работа беше ново искуство. Сега започнав да работам во областа на ИТ и се обидувам да бидам добар професионалец за да можам да им помагам и на другите деца.
Може да се нарече среќа, амбиција или поедноставно, желба за успех. Но, сигурен сум дека немаше да успеам без Вашата помош!

Јас се викам Јован. Јас имам 24 години и мислам дека можете да се гордеете со мене! Мојата животна приказна сега е успешна благодарение на СОС Детско село и Вашата несебична поддршка. Наскоро ќе започне нова учебна година, а мојата успешна приказна може да стане реалност и на повеќе од 300 деца и млади без родители поддржани од СОС Детско село.